Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев, оствари средба со амбасадорот на Италијанската Република Н.Е. г. Карло Ромео.
Средбата се реaлизираше во пресрет на Самитот за Западен Балкан во Трст, што ќе се одржи на 12 јули, а се одвива во рамките на Берлинскиот процес, за побрза интеграција на земјите од овој регион во Европската Унија.
Амбасадорот Ромео, како претставник на земјата домаќин на овогодинешниот Самит за Западен Балкан, ги презентираше приоритетите на италијанското претседавање со Самитот, како и деталната агенда за време на Самитот. Тој го поздрави формирањето на Владата и изрази надеж дека процесите за интеграција на Република Македонија, како и на целиот регион во Европската Унија, ќе се одвиваат со побрза динамика, како и дека Република Италија како актуелен претседавач со процесот ќе помогне за интензивирање на активностите.
Вицепремиерот Анѓушев истакна дека Владата e посветена на сите процеси во врска со итните реформски приоритети, како и со обврските кои произлегуваат од таканаречениот Берлински процес.
„Владата ќе работи на реформи во енергетскиот сектор, ќе работиме на создавање на поволна бизнис клима, за домашни и странски инвеститори, а конкурентноста на компаниите ќе ја подигнеме со инвестиции во инфраструктурата, како на патната, така и на железничката инфраструктура“, потенцираше вицепремиерот Анѓушев за време на средбата.