Министерот Дураки оствари средба со постојниот претставник на УНДП во Македонија Луиза Винтон

Министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки оствари работна средба со постојниот претставник на УНДП во Македонија Луиза Винтон.

На состанокот, уште еднаш се потврди добрата соработка што Министерството за животна средина и просторно планирање ја има со Програмата за развој на Обединетите Нации во Република Македонија која во изминативе години вроди со видни резултати.

Имено, Министерството за животна средина и просторно планирање, според зборовите на министерот Дураки, во УН агенциите гледа стратешки партнер во остварување на заедничките приоритети во заштитата на животната средина.

Посебно беше потенцирана добрата соработка остварена во областа на заштитата на речните и езерските водни токови, во управувањето со ризици од катастрофи, во справувањето со климатските промени и во делот на заштитата и подоброто управување со природните ресурси.

Од средбата, како заеднички произлезе ставот дека ваквата соработка треба да продолжи и да се продлабочи во наредниот период.