Дебата: Македонија доби глас повеќе со влегувањето на Хрватска во ЕУ

Со членството на Хрватска во ЕУ се потврди дека процесот на проширување продолжува, а воедно Македонија доби уште еден глас плус во Брисел. Ова беше истакнато на денешната дебата „Пристапувањето на Хрватска во ЕУ – перспективите на македонско-хрватските односи“, што беше организирана од Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика при македонското МНР.

Министерот за надворешни работи Никола Попоски во воведното излагање истакна дека добивме голем сојузник, земја која го изодела истиот пат, имала слични предизвици и конечно стигнала до целта.

„За земјите од регионот значаен факт е што добивме еден глас плус. Во ЕУ ќе има една  земја повеќе од регионов која ги разбира предизвиците тука, знае низ што минуваме бидејќи и самата минала по сличен пат. Тоа за Македонија може да биде само плус“, рече Попоски.

Тој направи и паралела на хрвтаското искуство со специфичните предизвици и препреки на Македонија во евроинтеграциите кои подразбираат сериозни реформи на општеството.

„Секој смета дека неговата планина му тежи најмногу и дека неговиот пат е потежок од оној на другиот. Тоа оспорување на предлогот кој го заслужи Македонија не е само предизвик за РМ бидејќи локлано можеме да продолжиме со сите напори кои ги правиме како кога би преговарале, бидејќи сите резултати остануваат за нас. Она што е проблематично е дека оние правила кои ЕУ сама ги фиксирала повеќе пати биле прекршени врз грбот на Македонија… Во нашиот процес на проширување ние преминавме од еден систем во кој имате, во фудбалски жаргон, гол и треба да постигнете гол во систем во кој голот се поместува континуирано. Во нашиот случај во определни ситуации голот е тргнат од теренот и вие играте и не знаете на која страна ќе ви се појави следниот гол“, рече Попоски.    

Хрватскиот амбасадор во Македонија Златко Крамариќ истакна дека со членството во ЕУ Хрватска постигна една историска цел, која е во интерес не само за земјата туку за целиот регион и за Унијата. Согласен е дека Македонија доби пријател во Хрватска кој ќе направи се што е во негова моќ да и помогне на патот кон ЕУ.

„Сметаме дека мирот и стабилноста во регионот се важни за Хрватска и за ЕУ. Имаме одлични односи, подготвени сме да ги поделиме сите искуства со Македонија“, рече Крамариќ.

Според хрватскиот помошник-министер за европски прашања Хрвое Марушиќ, ставот на Хрватска во однос на разликите околу името останува непроменет.

„Сметаме дека билатералните прашања мора да останат билатерални и не смеат да се вклучуваат во процесот на пристапување“, потенцира Марушиќ.

Тој се согласи со оценката на шефот на дипломатијата Попоски дека Хрватска на 1 јули славеше за влезот во ЕУ, но без еуфорија. Тоа, додава, сведочи дека Хрватите внимателно им пристапиле на евроинтеграциите и добро се подготвиле. Затоа, вели добро ги знаат предизвиците и предностите од членството во ЕУ. 

Евроамбасадорот Аиво Орав рече дека и покрај евроскептицизмот, со пристапувањето на Хрватска во ЕУ како 28. земја-членка, се покажа дека нема замор во процесот на проширување, туку дека тоа продолжува.

„Пред 20 години никој во Париз, Берлин, Вашингтон, Москва ниту во Вилниус не веруваше дека Литванија ќе стане членка на ЕУ. Денес Литванија го има ротирачкото претседателство со Унијата. Денес и Хрватска е дел од ЕУ и од процесот на носење одлуки во Унијата. ЕУ нема да биде комплетна се додека сите земји од регионот не санат членки“, рече амбасадорот Орав.

Дебатата на која присуствуваа претставници на повеќе владини институции, од невладиниот сектор, дипломатскиот кор во земјава продолжува со излагање на помошник-министерот Марушиќ со презентација на хрватското искуство од процесот на пристапување во ЕУ.

Ова е трета дебата во организација на Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика.