Министерот Димитров ќе учествува на Состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-учеснички на ПСЈИЕ

Во рамки на финалните активности на претседавањето со Процесот за соработка во ЈИЕ на Р. Хрватска, делегација од Република Македонија предводена од МНР Никола Димитров, на 30 јуни 2017 година во Дубровник ќе учествува на Состанок на министрите за надворешни работи на земјите-учеснички на ПСЈИЕ.

Се очекува МНР Димитров да има свое обраќање во кое ќе ги изнесе погледите на Република Македонија во однос на актуелните случувања во Регионот и нивното влијание врз целокупната соработка, како и начините за унапредување на истата особено во форматот на ПСЈИЕ. Се очекува дискусија за начините и модалитетите за надминување на сегашните предизвици и максимизирање на заедничките можности користејќи ги досегашните искуства во рамки на Процесот но и со другите иницијативи и организации, особено во секторот за поврзување, комуникација, транспорт и енергија.

На 01 јули 2017 година МНР Димитров се очекува да учествува на дванаесеттиот по ред традиционален Дубровник форум под наслов “Јадранско-медитеранската соработка и безбедноста во Југоисточна Европа”.
Како и во претходните години, и оваа година Форумот ќе биде посветен на актуелните теми во Регионот, решавање на заедничките предизвици за безбедноста и стабилноста во Јадранско –медитеранската област, можности за развој на бизнис во источниот Медитеран. Исто така во фокусот на дискусиите на Форумот ќе биде и меѓузависноста на состојбите на Блискиот Исток, Северна Африка и Европа, како и мобилноста и образованието на младите.