Средношколците во септември нема да учат по Кембриџ

Министерството за образование и наука, ја известува јавноста, дека на седницата на Владата на Република Македонија одржана на 04.07.2017 година, согласно претходните најави, беше донесена одлука со која Кембриџ програмата нема да се имплементира од септември оваа година во јавните средни училишта.

Определба на Владата и Министерството за образование и наука е современо образование и квалитетни наставни програми за подобрување на воспитно-образовниот процес во земјата. Воведувањето на нови наставни програми бара анализа и обмислување на процесите, а не избрзани решенија. Тоа меѓу другото значи и подготовка на учебници кои користат соодветна терминологија, кои се јасни и прецизни и кои се соодветни за образовниот систем на Република Македонија.

Заради временскиот теснец да се обезбедат овие стандарди и заради избегнување на несакани ситуации во средното образование, Владата донесе одлука да го одложи почетокот на Кембриџ програмата во средните училишта за учебната 2018/2019 година, со што се дава разумен временски период за дебата и подготовка на учебници од кои македонските ученици ќе го добијат заслуженото квалитетно и светско образованиие.