Скопјаните со галичко потекло Тања Чаловска и Бошко Лепчески ќе бидат младенци на „Галичка свадба 2017“ која ќе се одржи наредниот викенд, 15-ти и 16 јули. Триесет и едногодишниот правник и 28-годишната економистка се запознале пред седум години токму во Галичник каде што идната недела ќе бидат и венчани во црквата „Св. Петар и Павле“.
По подолго време се случува на Галичка свадба двајцата младенци да имаат потекло од Галичник. Свадбарските обичаи им се познати зашто заедно со нивните родители секое лето учествувале на оваа манифестација.
„Веќе 15 години учествував на Галичката свадба и имав желба да бидам невеста. Остварување на мојот сон е тоа што ќе ја продолжам традицијата на моите предци,“ рече на прес-конференција Чаловска, која на свадбата ќе носи фамилијарна носија стара еден век и необлечена повеќе од 50 години. Носијата сосе историски вредниот накит што ќе ги носи тежат околу 25 килограми.
Младоженецот Лепчески, исто така, нагласи дека е задоволство и чест да се продолжи вековната традиција на обичаи и песни во, како што рече, едно библиско место како што е Галичник.
Александар Костиќ, претседател на Месна заедница Галичник, соопшти дека на свадбата ќе учествуваат 150 лица облечени во галички носии, ќе има десетици коњи, а свадбарските обичаи и ора, меѓу кои и „Тешкото“, ќе се одржуваат во автентични куќи и на повеќе од десет локации на оддалеченост од 2-3 километри.
Свадбата ќе почне в сабота, 15 јули, во 19.30 часот, со китење, редење на бајракот и фрлање пушка. Наредниот ден во 9 часот наутро ќе продолжат обичаите меѓу кои централен настан ќе биде нивната венчавка во црквата „Св. Петар и Павле“. Во пресрет на свадбата, во петок 14 јули, во Галичник ќе има рокенрол журка со настап на групите „Укален“ и „БендОфф“.
„Во неделата, 16 јули, во Галичник очекуваме повеќе илјади туристи. Ќе биде организиран посебен сообраќаен режим. Посетителите своите возила ќе може да ги остават на фудбалското игралиште близу Галичник, а потоа со организиран превоз со комбиња ќе бидат превезени до влезот на Галичник,“ рече Костиќ.
Со Галичката свадба ќе биде отворено и годинашното Галичко културно лето, во чии рамки се 24. Галичка книжевна колонија во организација на Здружението „Галикул“ на која ќе учествуваат домашни и странски писатели, како и 28. Галичка ликовна колонија на која гости ќе бидат осум уметници од Израел, Индија, Босна и Херцеговина, Македонија, Словенија, Косово и Бугарија.
И оваа година Галичката свадба е поддржана од Министерството за култура. Советникот од Министерството Петрит Сарачини рече дека секоја година е се поголем бројот на посетители од земјава и од странство на манифестацијата која, рече тој, е огромно културно богатство и ризница на традицијата во Република Македонија.
„Министерството за култура ќе ја продолжи поддршката, но целта е таа да биде структурна, обмислена и системска, бидејќи Галичник не е познат само по Галичката свадба, таму има многу културни објекти, многу значајни архитектонски дела, големи и важни приказни од традицијата на Македонија. Сметаме дека од сето тоа треба да се направи организиран систем кој ќе придонесе за зачувување на културното богатство, но и за развој на културниот туризам,“ додаде Сарачини.
Галичката свадба е своевиден театар на отворено, а ја слави и чува традицијата од минатото поврзана со Петровден и свадбите кои на тој празник ги правеле печалбарите од мијачкиот крај.