Во текот на минатиот викенд од 30.06-02.07 во Лесковац, Р. Србија, се одржа деветнаесеттата по ред „Балканска смотра на млади стрип автори“. Овој настан е еден од најмасовните и најпосетуваните настани во рамките на стрип уметноста во југозападна Европа. Оваа „смотра“ успеа да постави нов рекорд со учество од 2760 стрип автори од вкупно 54 земји од сите континенти.
Како претставници на нашата земја беа присутни стрип авторите Дарко Богданов, Јордан Коцевски, Никола Темков, Игор Јовчески, Јован Секуловски и Златко Крстески. Манифестацијата беше отворена со трибината за состојбата на македонската стрип сцена и промовирање на изданијата на издавачката куќа „Стрип квадрат“ од страна на сопствениците Јовчески и Темков и авторите Коцевски и Богданов, кои го промовираа своето дело „Витези од соседството“ издадено од претходно споменатиот издавач.
Тоа што посебно треба да се истакне за овогодинешната „смотра“ е дека во рамките на натпреварувачкиот дел наменет за автори до 30 години наградата за најдобар дебитант ја понесе токму македонски автор, Јасна Николова од Скопје.