Општините да ја почитуваат законската обврска за изградба на прифатилишта за бездомни кучиња

Директорот на Агенција за храна и ветеринарство Зоран Атанасов оствари работен состанок со Саша Богдановиќ, директор на ЈП ,,Паркинзи,, на Општина Центар, единица на локална самоуправа заинтересирана за изградба на прифатилиште за бездомни кучиња. Од надлежните од Секторот за здравствена заштита и благосостојба на Агенцијата, побарани беа детали за начинот и постапката за одобрување на прифатилиште за бездомни животни.

Агенцијата за храна и ветеринарство, како што истакна директорот Атанасов, ја поддржува секоја иницијатива за изградба на центри за прифаќање и хуман третман на бездомни кучиња и ги потсетува општините на нивната законска обврска да вршат активности за контрола на популацијата на бездомни кучиња. Тој изрази подготвеност на Агенцијата за давање на стручна помош при воспоставувањето на ваков тип на прифатилишта и ги потсети локалните самоуправи на можноста помалите општини да се здружат и да изградат регионално прифатилиште. Од средбата беше упатен апел и потсетување сопствениците да ги микрочипираат домашни кучиња, за што треба да се обратат кај матичниот ветеринар.