Министерката Царовска ги повика лицата кои го изгубиле правото на користење на социјална помош поради брз трансфер на пари повторно да аплицираат

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и заменик министерот за труд и социјална политика Доц. д-р Елми Азири при посетата на Центарот за социјална работа Куманово ги повикаа поранешните корисници на социјална парична помош, кои биле ограничени во однос на користење на правото, заради примени пари по брз трансфер, повторно да се обратат до Центрите за социјална работа во градовите низ Македонија и да побараат да ги остварат правата за користење на социјална парична помош.
Министерката Царовска објасни дека во јануари 2015 година Министерството за труд и социјална политика го променило Правилникот за утврдување на приходи на граѓаните, за да остварат социјална парична помош, со тоа што утврдило дека доколку корисниците примат над 50.000 денари по брз трансфер да им се укине социјална парична помош, а оти само еден месец подоцна ја поставила границата над 70.000 денари.

“И сѐ ова е направено без законски основ, поради тоа што парите примени преку брз трансфер не се приходи за ниту едно семејство, затоа што ниту се даночат ниту се препишуваат во Управата за јавни приходи. Затоа со последната измена на правилникот се ослободуваат граѓаните од парите што ги примиле преку брз трансфер да не им се пресметуваат како приходи во нивното семејство, поради тоа што често тие средства не се од членови од семејството кои што има обврска по закон да ги издржува”, објасни министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Таа рече дека како Влада се обврзале да работат во интерес на граѓаните, и дека двојното казнување на граѓани кои се материјално необезбедени е навистина не фер и противуставно и затоа ги повика овие корисници да се обратат до Ценрите за социјална работа за да може да ги остварат своите права.

“Вие ги казнувате од тоа што ги исклучувате од систем и барате да ги вратат финансиските средства. За враќање на финансиски средства ќе утврди судот додека, ние, како социјална држава и социјален систем ги враќаме повторно да може да ги остварат законски гарантираното право на социјална парична помош”, нагласи Царовска.

Во Куманово вкупно 204 лица го изгубиле правото на социјална парична помош, а во Република Македонија вкупно 910 лица.

Министерката Царовска и заменикот министер Азири остварија и работна средба со градоначалникот на Општина Куманово Зоран Дамјановски.