Седум лица се приведени во СВР Охрид, по нарушувањето на јавниот ред и мир со употреба на опасно орудие, што вчера во 10 часот и 50 минути се случи на плажа во комплексот „Горица-3“ во Охрид. Приведувањето на пет од нив е извршено откако претходно, на неколку одделенија во Општата болница во Охрид им е пружена неопходната медицинска помош.
Најверојатно поради, подолг временски период нерешени меѓусебни недоразбирања, нарушувањето, најнапред се случило помеѓу две помали групи по што набрзо на местото на настанот пристигнуваат униформирани полициски службеници кои, веднаш започнале со мерките за решавање на пријавениот настан. Во текот на преземањето на нивните активности, на местото пристигнале пет лица кои со себе носеле опасни орудија и за мошне кратко време нападнале едно лице кое во моментот бил на шанкот, а кој, во претходното нарушување помогнал за смирување на ситуацијата и ги делел учесниците.
Тогаш, полициските службеници активно се обиделе да ги разделат двете групи, а набрзо на местото на настанот пристигнало полициско засилување. Тие ја смириле состојбата, а веднаш потоа и помогнале повредените, да се префрлат во Општата болница.
СВР Охрид, во соработка со Јавниот обвинител, презема дополнителни активности и сеуште работи на целосно расчистување на вчерашниот настан.