Националниот координатор за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, м-р Магдалена Несторовска на 20 и 21 јули 2017 година во Москва, Руската Федерација учествуваше на Конференцијата “Јавно-приватно партнерство во борбата против трговија со луѓе“, организирана од страна на ОБСЕ Специјалниот претставник и координатор за борба против трговија со луѓе, амбасадорот Мадина Јарбусинова во соработка со Министерството за надворешни работи на Руската Федерација.
На наведената конференција учествуваа претставници од 40 држави, национални координатори и известувачи за борба против трговија со луѓе , како и претставници од бројни меѓународни и невладини организации, приватниот сектор, синдикатите и академската јавност.
Конференцијата обезбеди размена на искуства за релевантната меѓународна рамка и правните инструменти за борбата против трудовата експлоатација во приватниот сектор, улогата на државата и приватниот сектор за нивна навремена идентификација, како и идентификување на превентивните методи и мерки за минимизирање на ризикот од трудова експлоатација во приватниот сектор.
На Конференцијата Националниот координатор, М-р Магдалена Несторовска оствари средба со амбасадорот Мадина Јарбусинова, на која беа презентирани идните мерки кои Република Македонија ќе ги превземе во борбата против трговијата со луѓе. Исто така, на маргините на конференцијата, Националниот координатор, М-р Магдалена Несторовска оствари средба и со Извршниот Секретар на Конвенцијата на Советот на Европа за акција против трговија со луѓе, Петја Несторова.
Во насока на продлабочување на билатералната соработка, Националниот координатор М-р Магдалена Несторовска оствари билатерална средба и со Националниот координатор за борба против трговија со луѓе на Црна Гора, Зоран Улама, на која беа разгледувани можностите за склучување на протокол помеѓу двете држави со кои ќе се уредат заедничките активности за проактивна идентификација, заштита на жртвите на трговија со луѓе и кривично гонење на нивните извршители.