Новинарски екипи од Блискиот и Далечниот Исток во посета на туристичка Македонија

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во периодот од 17-21.07.2017 година, реализираше информативно патување за новинари од Блискиот и Далечниот Исток во соработка со “Qatar Airways”.

Целта на оваа инфо – тура беше преку присутните претставници на медиумите, да се информира за Македонија како потенцијална туристичка дестинација, која после воспоставувањето на летот Доха – Скопје со авио компанијата “Qatar Airways”, веќе стана лесно достапна за светските патувачи од трети далечни пазари.

Токму во тој контекст, на новинарите им се овозможи преку своите медиуми да објават информации, слики и видео снимки од Македонија во далечните дестинации како што се Катар, Хонг Конг, Сингапур и Австралија.

Сите учесници на инфо – турата беа воодушевени од природните убавини на Македонија, од историјата, традицијата, фоклорот и културата. Не го криеа ни своето задоволство од гостопримството на домаќините, како и од се она што го видоа и доживеаа за време на својот престој, со исклучително оптимистички предвидувања за зголемување на бројот на туристи во Македонија, од дестинациите од каде тие доаѓаат.