Општина: Продолжува паушализмот и расфрлањето со непроверени информации на СДСМ Охрид

Во врска со соопштението од СДСМ Охрид, реакција испрати Општина Охрид, во која стои:

„Продолжува паушализмот и расфрлањето со непроверени информации на СДСМ Охрид во јавноста што стана препознатлив белег на нивното политичко делување.

Исто така се однесуваа и кога го водеа Охрид, а со тоа и Јавното претпријатие „Охридски комуналец“. Чести се обидите да си ја перат совеста, при тоа за своите неуспеси да обвинат некој друг.

Овие се истите оние луѓе кои под превезот на „Чист Охрид“ дозволија во непосредна близина на центарот на градот да изникне депонијата „Мауцкер“. Е тоа никој никогаш во Охрид нема да им го прости. Тоа се истите луѓе чија главна реформа во „Охридски комуналец“ беше помпезно поставување на најлонски кеси во Охрид. Истите овие луѓе не набавија нити едно ново возило за подигање на смет, туку се обидуваа со ефтини трикови за набавка на стари и дотраени возила да ја замајуваат јавноста. И од “врвните“ менаџери на „Охридски комуналец“ единствено наследивме активирана хипотека за неплатен кредит за просториите на ЈП „Охридски комуналец“ во Градскиот пазар.

Токму можноста овие атрактивни простории да бидат запленети од една деловна банка каде „Охридски комуналец“ имаше неплатени обврски по основ за кредит, го означуваше почетокот на мандатот на директорката Скрческа. Потоа следуваше период на финансиска стабилизација на претпријатието, воведување на ред и дисциплина во работењето и секако набавка на нови возила што се случи за прв пат после 30 години.

Новиот директор има силен капацитет да продолжи да го развива претпријатието, секако во тимот надополнет со искуството и знаењето на поранешната директорка Скрческа, која не заминува во пензија како што тоа го вели СДСМ Охрид.

Вака искомпонираниот тим е цврста гаранција за градоначалникот Никола Бакрачески дека Ј.П. „Охридски комуналец“ ќе продолжи да се развива во вистинскиот правец.

Граѓаните се оние кои на крајот ќе ја направат разликата меѓу двата концепти за владеење во Охрид кои навистина се различни и за среќа немаат ништо заедничко еден со друг.“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.