Градоначалникот на Општина Дебрца, Игор Трајкоски, денес во изјава за медиумите истакна:
„Согласно ингеренците кои ми ги дава градоначалничката функција за справување со новонастанатиот проблем, би сакал да Ве известам и за следново:
Имено, изминатиов период сум изложен на константни навреди, клевети и лаги во однос на донесување на одлука за изградба на депонија. Ваквот начин на клеветa беше исцениран преку најразлични содржини на партиски соопштенија, што пак доведоја до потпалување на масата. Ваквиот начин кулминира со упатување на смртни закани по мојот живот и тоа пред очите на пошироката јавност од личности кои се припадници или симпатизери на СДСМ. За ваквите смртни закани постојат голем број на очевидци како и видео материјал.
Но, би сакал на пошироката јавност да им доставам на увид допис до МЖСПП каде јас како градоначалник кажувам дека на територијата на Општина Дебрца нема соодветна локација за изградба на депонија, според ова сакам да укажам дека Игор Трајкоски во изминатиов период, сега и во идниот период ќе ги застапува интересите на граѓаните на Дебрца. Без разлика на нивната политичка провиниенција, бидејќи тоа ми претставува мое прво ветување штом ја добив довербата на граѓаните на Дебрца – дека ќе бидам градоначалник на секој жител на општината и ќе работам во интерес на Општина Дебрца.
Можам со сигурност да кажам дека тоа досега но и отсега го спроведувам и дека ниедна закана по мојот живот нема да ме поколеба да одам по зацртаниот пат кон подобрување на стандардот на Оптшина Дебрца.
Во однос на денешната седница на Советот на Општина Дебрца каде на мое барање беше ставена точка за распишување на референдум за изјаснување на жителите од Општина Дебрца дали се ЗА или ПРОТИВ изградба на регионална депонија, морам да искажам жалење бидејќи советниците од СДСМ ја напуштија седницата на Советот на Општина Дебрца, со што беше оневозможена подржката на одлуката за референдум каде што жителите на Општина Дебрца ќе го искажеја своето мислење по ова прашање и ќе добиевме највисок правен акт за спречување на изградбата на регионалната депонија.
Но јас како градоначалник на Општина Дебрца ќе продолжам заедно со сите жители на Општина Дебрца да се борам против изградбата на ваква депонија на Општина Дебрца.“ – изјави Трајкоски.