Средба на министерот Николовски со претставници од мелничко-пекарската индустрија

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, денеска имаше средба со претставници од мелничко-пекарската индустрија, кои откупуваат пченица во земјава. На средбата мелничарите откупувачи ги презентираа информациите за состојбата со годинешната жетва на пченица и проблемите со кои се соочуваат.

Претставниците од мелничко-пекарската индустрија доставија предлози како да се надминат последиците од годинешната лоша жетва, но и барања за решавање на проблемите во оваа индустрија.

Министерот за земјоделство Николовски, порача дека детално ќе се разгледаат сите барања од мелничко-пекарската индустрија, и во најскоро време ќе донесат соодветни решенија, кои ќе дадат најголем ефект и ќе им бидат од помош и на мелничарите и на земјоделците производители на пченица. Поради временските непогоди годинава приносите од пченица се помали, поради што Владата планира преземање на сет мерки за стабилизирање на пазарот со пченица. Сет мерките со соодветната анализа на пазарот и предлог-решенијата, ќе бидат разгледани на една од следните седници на Влада.

Според податоците засеани се 76.400 хектари пченица.

До 19-ти јули, ожнеани се 60% од засеаните површини под пченица или 46.974 ха со просечен принос од 2,300 килограми/ха. Просечните приноси се движат од минимални 500 кг/ха во Кавадарци, 900 килограми на хектар во Штип, Неготино 1.100 кг./ха, Свети Николе 1.300 кг./ха. Највисоки просечни приноси има во Битола 4000 кг./ха, во Тетово 3.500 кг./ха и Скопје 2.200 кг./ха.

Жетвата кај јачменот е реализирана со 90 отсто, односно ожнеани се 46.289 ха со просечен принос од 1.944 кг./ха. Просечните приноси се движат од минимални 600 килограми на хектар во Штип и Кавадарци, Делчево и Неготино 1.000 кг./ха, Св. Николе 1.200 кг./ха. и Куманово 1.500 кг./ха. Највисоки просечни приноси има во Битола, Гевгелија и Кисела Вода 3.000 кг./ха и во Крушево 3.500 кг./ха.

Имајќи го во предвид очекуваното производство на 190.000 тони пченица од род 2017 година, што е за 37% помало производство во однос на 2016 година, и годишните потреби на Македонија од околу 300.000 тони, се проценува дека во 2017 година ќе има недостаток од околу 110.000 тони пченица, кој се очекува да се обезбеди преку увозот на пченица и брашно.

Во изминатиот период министерот Николовски оствари неколку работни средби со земјоделците и со мелничарите, со цел да се слушнат мислењата и предлозите на двете страни, за да се преземат соодветни мерки.

Како Влада отворивме интензивен дијалог со двете страни. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е отворено да ги слушне предлозите, сугестиите, размислувањата на сите чинители во овој земјоделски сектор. Само така, со постојани, конзистентни, искрени разговори, ќе дојдеме до квалитетни решенија.