По претходно изречена опомена од Основниот суд во Струга и поднесени пријави за илегален влез во Република Македонија и нелегална работа, полициската станица од Струга, со решение изврши протерување на единаесет албански државјани. Ним, изречена им е забрана за влез во државата во рок од една година.
На 25-ти овој месец, полициските службеници ги затекнаа единаесетте албански државјани на депонијата во Струга каде имале направено импровизирани живеалишта и од каде собирале пластичен отпад. Истиот ден, поради можна поврзаност со случениот пожар на депонијата, повикани се на разговор во полициската станица во Струга.
Целокупната постапка е водена по консултации и насоки од Јавниот обвинител, по што по основ на нелегален престој и работа во Република Македонија, одделението за прекуграничен криминал при Регионалниот центар Запад, им поднесе соодветни пријави.
Единаесетте албански државјани, по полициски пат се пренесени до граничен премин и протерани од земјата.