Сточари од Охрид бараат да им се исплатат субвенциите од минатата година, кои требаше да се исплатат до 30.06.2017 година.
„Субвенциите за 2016 година завршија со исплата уште на 30 јуни. На сите им се исплатени, освен нас, а други примања немаме, ние зависиме од тие средства. Во текот на месецов не пуштаат од врата на врата и повратен одговор немаме. Добивме неколку телефонски броеви од Платежна агенција од Скопје, никој не ни одговори цел месец. Преку е-маил контактиравме со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и рурален развој; Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство; Министерството за финансии. Конкретен одговор немавме, само едни на други ја префрлаа топката. По упорните обиди, ни одговорија дека се е во ред со документацијата и дека сме постоеле на списокот, но сепак требало да почекаме, а можно било да бидат исплатени следната година заедно со наредните субвенции.“ – велат загрижените сточари во дописот кој ни го испратија до нашата редакција.
Тие упатуваат апел до надлежните институции и се надеваат дека овој проблем набргу ќе се реши.
WebOhrid