Завршува шестото „На зајдисонце“ во Трпејца

Со настапот на ансамблот „Билјана“ од Охрид и доделувањето на благодарници и признанија на дел од учесниците, спонзорите и донаторите, вечерва од 20 и 30 часот во туристичката населба Трпејца ќе биде заокружено шестото издание на културно – забавното лето „На зајдисонце“.

На ова случување ќе му претходи отворањето на еднодневната изложба од колажи создадени од деца – уметници на тридневната колонија „Цртаме на зајдисонце“ раководена од професорот по ликовно образование во пензија Слободан Пупиноски.

Во текот на деветте дена мештаните и туристите уживаа во одлично концепираната програма во која според организаторот здружението „За Трпејца со љубов“ имаше настани за сите од седум до седумдесет и седум години. Покровител на летото е Општина Охрид.

Од понеделникот до средата во Трпејца се одржа тридневната школа за шах под раководство на професор Борис Лушески од шаховскиот клуб „Ласкер“ од Охрид.

Истата вечер публиката се дружеше со Марија Новак, актер во МНТ по потекло од Охрид.Таа ги потсети гледачите на дел од нејзините одиграни улоги во театар и на ТВ.

Втора година по ред во Трпејца претставници од невладината „Опција“ одржаа превентивна презентација под наслов: „Зависностите на модерното време“.Стана збор за алкохолот, пушењето цигари и дрогата како и за употребата на канабисот во медицински цели.

Средата вечерта беше прикажан документарниот филм „Чиста вода“ во продукција на Мунлат продукција од Скопје,Документарецот делумно е снимен во Трпејца и во него со свои искажувања учествуваат жители од оваа населба. Авторката на сценариото – новинарката Јана Коцевска присутните ги запозна со идејата и целта на документарниот серијал чие снимање беше финансики поддржано од Делегацијата на ЕУ во Македонија.

Вчера се одржа традиционалната кајакарска регата „Номче Митрески“ на која покрај претставници на КК „Рибар“ од Трпејца се натпреваруваше и една претставничка од „Акватика Јахтинг “ клубот од Охрид.

Синоќа трпејчани и туристите уживаа во несекојдневниот и прекрасен настап на мешаниот градски хор ВОКС ЛИХНИДОС од Охрид и хармоникашот Петар Кочоски од Велестово кој лани на светскиот натпревар по хармоника во Русија беше меѓу 12 најдобри хармоникаши во светот во својата категорија.

Претпладнево поголема група вљубеници во пешачењето заеднички во рамки на културно – забавното лето „На зајдисонце“ ја поминаа патеката Чоколоско која е дел од Националниот парк „Галичица“.