Информацијата е во изворот на постоењето и перцепцијата на нашиот свет. Но, што значи ако информацијата е филтрирана и изманипулирана од медиумот? – вака Небојша Илијевски ја започна панел дискусија, насловена „На ти го-дај ми го”, која се одржа вчеравечер на Фестивалот за процесирање култура „ДримON“ во Струга. Панелистите, новинарот и колумнист Ѕвездан Георгиевски и медиумската аналитичарка Емилија Петровска – Камењарова, дискутираа за перцепцијата на крајниот производ, кој го нудат медиумите, новинарскиот клиентелизам како и за медиумска писменост. Обајцата отворија повеќе прашања за (не)довербата во новинарите и новинарството, влијанието на центрите на моќ, свесноста на граѓаните за проблемите во медиумската сфера, и како да се избегне погрешното информирање.
„Проблемот на клиентализмот пред сè е политички, па потоа синдикален, општествен итн. Политички затоа што живееме во едно централизирано општество, новинарите не го следат јавниот интерес, туку агендата на центрите за моќ. Работата на новинарот е да направи селекција на информациите со цел да го олесни процесот на читање. Ако тоа го направи новинарот, читателот ќе има доверба. Сега, се соочуваме со ситуација кога имаме пререгулирана држава со нерегуларно општество“ – вели Ѕвездан Георгиевски.
Емилија Петреска Камењарова истакна дека граѓаните имаат иста пристапност, а различни вештини како да ги читаат медиумите.
„Во Македонија повеќе од две третини од граѓаните се апсолутно свесни дека различни телевизии известуваат различно за исти настани. Во тој случај, тие го креираат своето мислење преку споредување на информацијата од повеќе медиуми, најчесто печатени весници и онлајн медиуми. Ако бидам искрена, во сите анализи кои ги имам правено, најголемиот проблем е што во Македонија имаме ниско ниво на почитување на новинарските стандарди. Ова непочитување не беше наеднаш, туку постепено, чекор по чекор. Падот доаѓа околу 2011, кога го изгубивме вистинскиот плурализам на група медиуми кои го губат својот кредибилитет од страна на државата. Работите се испреплетени и изврзани. Сакам да зборуваме принципиелно, за да заработат за леб, новинарите се ставени во ситуација или ќе направат компромис или ќе талкаат од еден медиум во друг. Од на ти го – дај ми го ние стигнавме до оваа ситуација“– вели таа.
Нов број на „Лице в лице” и отворање изложба „Бегалци во сопствената земја“
На третиот фестивалски ден, уличното списание „Лице в лице” во соработка со Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ), во рамки на „ДримON“, го промовираше 26. издание. Новиот број на „Лице в лице“ ја опфаќа темата за повратниците и нивната интеграција во земјава. Во склоп на промоцијата, посетителите имаа можност да ја проследат изложбата на постери насловена „Бегалци во сопствената земја“.
Главната и одговорна уредничка на списанието, Климентина Илијевска, рече дека секој број на „Лице в лице” е посебна приказна.
„Првпат за проблемот со повратниците слишнав пред околу една година. Тоа се луѓето кои ја напуштиле земјава од економски причини и најчето поради напливот на бегалци од Блискиот Исток во Западна Европа, беа принудени да се вратат во своите земји. И сега се на некој начин, бегалци во сопствената земја. Во овој број на „Лице в лице” отворивме многу прашања, но за жал, останавме без доволно прецизни одговори“ – изјави таа.
Илијевски на самиот настан го прогласи и Игор Шајноски за најдобар продавач по издание во досегашното постоење на „Лице в лице“, кој продал близу 1000 броја.
„Многу сум горд што сум продавач на „Лице в лице“ и што успеав во мојата Струга и околината да продадам 1000 списанија“ – рече Шајноски.
Кореографката Сабрина Железник, заедно со волонтери на „ДримON“ направи интересен перформанс за отворањето на изложбата. Публиката со затворени очи, со помош на волонтерите се обидуваше да ги мине симболичните препреки (кои ги означуваа пречките на повратниците во интеграцијата во земјава) за да стигне до изложените постери.
„Фолтин“ направија страсна и танцувачка атмосфера
Во вечерните часови на летната сцена преовладуваше духовита, старасна и жешка танцувачка атмосфера. „Фолтин“ неуморно ја забавуваа струшката публика, со силни овации и аплауз, па два пати се вратија на сцената.
„Одамна не сме свиреле на концертна сцена во Струга,бевме многу возбудени и со сигурност ги размрдавме стружани. „Фолтин” целосно го поддржува „ДримON“. Веќе неколку години се договаравме и еве годинава со големо задоволство засвиривме на Летната сцена“ – велат од бендот и најавуваат дека наскоро повторно ќе работат театарска музика, а ги чека и турнеја низ Македонија.
Приградски хулигани на последнот ден на „ДримON“
„Приградски хулигани“ е последниот ден на „ДримON“ (недела, 30-ти јули) и е посветен на изложби со дела од работилниците којшто се одржаа претходните денови, во паркот, како и завршените инсталации од „Треш колонијата“ на различни локации во градот. Во 19.00 часот, во фоајето е танго работилницата насловена „Да се сретнеме на половина пат“ со „Фамилија Тангови“.
Од 20:00 публиката ќе има можност да ја види театарската претстава „Да го поздравиш и да ми го бациш“ во продукција на „Артопија“ , која е авторско дело на четворица актери и еден режисер и која ја раскажува приказната за растењето, носејќи соништа за себеостварување и соочување со општествените механизми на функционирање.
На „ДримОN“ киното ќе има проекција на „The State of Exit” во режија на Кевин Бојтел и Сандер ван Дриел за најголемиот музички фестивал во Србија. По кино проекцијата, следуваат дечките на „TrendKill“ и Sybil. Честа да го затворат петтото издание на „ДримOn“ ќе имаат Томче и Чима, диџеите на култното „Сабвеј“, а забавата со нив започнува на полноќ.