Жителите на Подмоље веќе шести ден се оставени без вода за пиење, бидејќи бушотината што ја направиле со сопствени средства сега не можат да ја користат поради личните интереси и внатрепартиските калкулации на градоначалниците на Охрид и Дебарца, Никола Бакрачески и Игор Трајковски. Ова денес го изјави координаторот на ОО на СДСМ Охрид, Јован Стојаноски.
„Жителите на Подмоље веќе неколку години наназад секое лето се соочуваат со недостиг на вода, но и покрај тоа, тие покажале огромна хуманост со тоа што дозволиле и неколку околни места да се снабдуваат со вода за пиење од оваа иста бушотина која со сопствени средства ја направиле. За жал денес тие дочекаа градоначалникот, Трајкоски, поради внатрепартиски интереси, веќе шести ден целосно да им го има запрено пристапот до вода.“- истакна Стојаноски.
Како што кажа тој, ваквото однесување на градоначалниците не само што е безобразно и неодговорно, истовремено е и нехумано, бидејќи како што рече стотици домаќинства се оставени без вода при вакви тропски температури.
„Одговорност мора да има, и тоа не само за Трајкоски, туку и за неговиот колега Никола Бакрачески, затоа што на крајот на краиштата, жителите на Подмоље, па и сите жители од општина Дебрца се охриѓани. Крајно неодговорно е две соседни општини, чии градоначалници дополнително се од истата политичка опција, да не можат да најдат заедничко решение на еден сериозен проблем. Функцијата градоначалник не е партиска игра во некој општински комитет на ВМРО ДПМНЕ, тоа е одговорна функција која подразбира грижа за сите граѓани подеднакво.
Доколку се продолжи со игнорирање на овој сериозен проблем, Подмоље и регионот ризикуваат да се соочат со хуманитарна и еколошка катастрофа, бидејќи немање вода при вакви високи температури го загрозува човековото здравје и животната средина. Затоа, во интерес на сите граѓани бараме Трајкоски и Бакрачески да престанат со префрлање на одговорноста и под итно да го решат проблемот со водоснабдувањето на жителите на Подмоље.“– додаде Стојаноски.