Положено свежо цвеќе пред споменикот на Илинденците во Велгошти

Во очи на празникот, традиционално и годинава со полагање свежо цвеќе пред споменикот на Илинденците во селото Велгошти започна одбележувањето на Илинден. Синоќа, пред споменикот се поклонија делегација на општина Охрид, предводена од градоначалникот Никола Бакрачески, претставници од Месната заедница од Велгошти, од Месниот комитет на Велгошти, Сојузот на борци од Охрид, политички партии, здруженија на граѓани како и поединци. Меѓу присутните жители од Велгошти, присутен беше и екс-министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

На свеченоста, градоначалникот Бакрачески  им го честита овој светол и голем ден за македонската историја.

„Денес, во предвечерието на најголемиот и најсветлиот македонски празник, Илинден, ми претставува особена чест и пријатно задоволство, да присуствувам во историското и слободарско Велгошти. Истовремено, не можам да не го истакнам чувството на неизвеснот од актуелниот политички миг и можното историско премрежје, кое можеби ќе го минуваме во иднина. Но она што никако не е и не може да биде спорно е дека токму овде е формирана првата востаничка чета, како зачеток на макотрпната борба за слобода која денес ја уживаме“, рече градоначалникот Бакрачески.

Пред пристуните свое обраќање имаше и претставникот од МЗ Велгошти, Ѓоко Чингоски.

„Велгошти до денес е чувар на оганот и пламенто на Илинден. Овде од колено на колено, од дедо на внук, од генерација на генерација, гордо и со тага и восхит се предаваат спомените, грижливо се чуваат и пренесуваат. Илинден ја има судбината да биде еден тако настан, значи многу и за своето време и за времето на иднината. Жртвите и опожарувањата на селото се огромни.Да го чуваме споменот на нашите претци кој се бореле нежалејќи ги своите животи, ни животите на своите фамилии, за ова парче земја, за оваа наша слобода што ние денес ја уживаме. И да не дозволиме никој да ни ја земе, бидејќи таа е со крв и жртви натопена од нашите претци. Бидејќи таа е единственото нешто што вистински е наше, што ние сите и тоа како ја заслужуваме.“ – рече Чингоски.

Прославата беше збогатена со богата културно – уметничка програма.

WebOhrid