Премиерот Заев за Илинден: Да бидеме заедно, има светла иднина за нашата Република Македонија

Почитувани граѓани, почитувани гости и присутни, претседател на државата Ѓорге Иванов, премиер на Република Бугарија, Бојко Борисов, министри и претставници на владите и парламентите на Република Македонија и Република Бугарија, претставници на дипломатскиот кор, претставници на политичките партии, од судовите, научници од МАНУ, претставници на граѓански здруженија,

Пред споменикот на великанот и револуционер Гоце Делчев, кој пред повеќе од еден век знаеше дека “Ќе удри утринската зора и за нас“, пред сегашните и идните генерации, на 114-годишнината од Илинденското востание и на 73-годишнината од Првото заседание на АСНОМ, од име на граѓаните на Македонија и на Владата на Република Македонија, изразувам одлучна верба за јасна иднина:

Има светла иднина за Нашата Република Македонија и има иднина за секого во оваа наша убава земја, Република Македонија.

Историјата и минатото ги ставивме да бидат цврсти темели на коишто почнавме да ја градиме европската и евро-атлантската иднина на Република Македонија којашто води до квалитетен живот.

Го послушавме Делчев. Тој рече “Нека не се губи времето!”. И се здруживме, ги подадовме рацете меѓу нас и создадовме пат кон развојот. За развој се потребни доброволно подадени раце на граѓани и народи кои се потпираат и поддржуваат и така заеднички чекорат стабилно напред.

Потребни и се, и стабилност, и развој на Република Македонија.

Денес кога се поклонуваме пред загинатите за слободна иднина, со чист образ можеме да изговориме, дека и нашите генерации, минаа низ предизвиците и се бореа за право, за слобода и за човечки живот! Нашите генерации ја oдбраа и одбранија слободната иднина. И тргнати сме чекор понатаму, кон стабилна иднина.

Патот за Република Македонија, почитувани граѓани, конечно е отворен. Бидете сите горди за овој успех.

Успехот не е на еден човек. Застанавме заедно, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци, други… Успехот не е на една група или политичка партија. Паѓавме и се кревавме заедно. Успехот е заеднички, на сите, без разлика на вера, етничка припадност, пол или убедување. Успехот е на оваа НАША МАКЕДОНИЈА!

И токму борците кои ги положиле своите животи во тие темели се нашиот завет дека Македонија ќе ја чуваме, ќе ја сакаме и ќе ја градиме. Но, најсигурно ќе ја чуваме СИТЕ ЗАЕДНО; најсилно ќе ја сакаме СИТЕ ЗАЕДНО; и најубаво ќе ја градиме СИТЕ ЗАЕДНО.

Токму тој збор, ЗАЕДНО, е најсилната гаранција за иднината на нашата Македонија.

И ние денес, почитувани граѓани, треба сите да покажеме одговорност кон себе и кон светот.

Како што заедно во државата обезбедивме демократски промени, потребно е да учествуваме и во демократските промени во регионот. Затоа што, колку повеќе идеи, заложби и ангажмани ќе здружиме кон напредокот, толку поцврсто, сите од регионот, ќе отидеме напред со демократскиот свет.

Одговорноста денес значи храброст и одлучност да се гледа напред.

Владата и граѓаните на Република Македонија дадоа пример како може да се исчекори напред. Погледот мора да се насочи напред и да биде кон вистинската цел.

Знаеме дека нашата стратешка цел се членство во Европската унија и НАТО. И Република Македонија, ве уверувам, го прави потребното.

Подадовме раце не само внатре, туку и кон надвор. И еве, има одговор, има раце кои се испружени кон нас. Еве сме заедно, со нашите соседи и пријатели, официјалните претставници на граѓаните на Република Бугарија, премиерот Борисов и дел од Владата и Парламентот на Бугарија кои ја покажуваат истата одговорност кон заедничките цели.

Затоа, денеска заедно ја испраќаме пораката:

Регионот е подготвен да води политики на зрелост, мудрост и посветеност кон своите граѓани. Регионот се однесува европски и заслужува да ја добие шансата да се развива во европското и евро-атлантското семејство.

Владата на Република Македонија постави добри основи за соработка и со другите соседи од регионот и имаме право да очекуваме дека во периодот што престои ќе добиеме и други испружени раце кон нас.

Стабилноста, безбедноста, мирниот живот на граѓаните, економскиот развој, културната соработка, се потреби на граѓаните на Република Македонија, но и на граѓаните на целиот Балкан, чијашто иднина се исто така ЕУ и НАТО.

Земјите членки на овие две организации кон коишто целиме, ги препознаа отворените и искрени намери на Република Македонија и затоа и дадоа на нашата земја силна поддршка на Самитот за Западен Балкан во Трст, со што очекувам да бидеме охрабрени и денеска на состанокот на земјите од Јадранската група со потпретседателот на САД, Мајк Пенс во Подгорица.

Затоа, почитувани граѓани, мојот оптимизам и оптимизмот на Владата дека доаѓаат добри денови за Република Македонија и за граѓаните на нашата држава, се реалност за што е потребна поддршка и од сите вас.

Слободата, демократијата, развојот, напредокот бараат исто така жртви. Тие жртви денес значат да се грижиме за себе и за своето семејство, но да се грижиме и за општетсвото во коешто живееме и за државата што ја обновуваме.

Градиме професионални институции, независно судство, услови за слободни и објективни медиуми. Потребни ни се силни и квалитетни корективи, Парламентот, регулаторните тела, граѓанските организации, секој граѓанин поединечно.

Тие реформи се потребни за нашата иднина во ЕУ и НАТО. Членството во овие организации ќе отвори простор за квалитетни странски инвестиции, за конкурентни пазари за домашните претпријатија. Тоа ќе отвори простор за нови работни места и повисоки плати. Тоа ќе донесе мирен живот во нашите домови. Тоа ќе ги мотивира нашите деца да ја гледаат својата иднина во својата татковината, во Нашата Македонија.

Поради ова, почитувани граѓани, кога говориме за итните реформски приоритети и за Планот 3-6-9, гледајте во него шанса за сегашност со живот за сите. Тоа е и реформски план за професионализација на институциите кои се ставаат во служба на граѓаните.

Се чувствува разбудената надеж во нашата држава. Дури и светот ја почувствува.

Ова, сакам да знаете дека за мене како премиер и за Владата е голема чест и прифатена одговорност да ги оствариме очекувањата за достоинствен живот и за перспективна Македонија.

Почитувани граѓани,

Упатувам апел за максимална сериозност и ангажираност и од сите политички субјекти во државата и од институциите. Ова е заедничка иницијатива и акција.

Денеска кога правиме исчекор за новата приказна на Република Македонија, во периодот после најдлабоката политичка криза во историјата на современата државност, повикувам повторно да го воскликнеме повикот од Манифестот на АСНОМ: „Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме“ и во новите предизвици да влеземе без петно од минатото.

Да го искористиме поводот, празнувањето на основањето на државноста на Република Македонија, двојниот Илинден, кога е неминовно да се сетиме на сите што своите животи ги вградија во темелите на вековниот сон – македонската држава, да изразиме жалење за неправдата за сите оние што настрадаа заради различни идеолошки и политички ставови.

Во исто време, да повикаме на помирување на минатото и сегашноста, во име на иднината. Да се обединиме заради заедничките стратешки цели од исклучителна важност за иднината на нашата заедничка држава – Република Македонија.

Очекувам, како што Владата се отвори за целата општествена јавност, така и секој, без разлика од различностите по која било основа, да се види себе си и да се вгарди себе си во процесите и промените со коишто заедно испишуваме нова историја за Република Македонија. На таа историја следните генерации ќе можат цврсто да ја постават иднината, како што ние го правиме тоа со аманетот од Илиденското востание и АСНОМ.

И затоа, да бидеме сите на ниво на својата обврска.

Да останеме здружени едни со други и да и го обезбедиме на Република Македонија заслуженото место во светот, во тој свет којшто е поле за културен напредок на народите.

Имаме пред себе големи цели.

И како што вели Гоце Делчев: Трудот е силата со која човекот станува голем во секоја иницијатива.

Како што вреди секоја капка крв врежана во овој свет датум, 2 август, Ден на Републиката, вреди и секоја капка пот за Нашата Македонија.

Нека ни е честит и вековит 2 август, Денот на Илинденското востание, Денот на АСНОМ, денот на нашата држава, Република Македонија.