Сугарески: Пругата кон Бугарија ќе биде изградена до 2025 година

Пругата кон Република Бугарија ќе биде завршена најдоцна до 2025 година, истакна денеска на прес конференција министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, на која ги образложи деталите од Меморандумот за развој на железничката мрежа што беше потпишан од министерите за транспорт на Република Македонија и Бугарија.

Во прилог интегралниот дел од говорот на министерот Сугарески:

На денешната прес конференција ќе ве информираме за деталите од Меморандумот за разбирање меѓу Република Македонија и Република Бугарија за развој на железничката мрежа.

Меморандумот за развој на Железницата што го поптишавме со Република Бугарија претставува значаен чекор понапред во однос на заедничките инвестиции што ќе ги реализираме со Бугарија за довршување на Коридорот 8 кон Исток.

Тргнувајќи од важноста на функционалност на Коридорот 8 како дел од регионалната транспортна мрежа, потпишувањето на Меморандумот е предуслов заодржлив економски раст и развој во регионот.

Со меморандумот се обрзуваме во наредниот период да ја доизградиме и модернизираме пругата до границата со Бугарија, а исто така Владата на Република Бугарија се обврза да ја доизгради пругата до нашата граница, со што целосно ќе го заокружиме желзничкото поврзување.

Вкупната должина што треба да се доизгради до границата со Република Бугарија е околу 89 километри. Изградбата претходно е поделена на три делници и ние како Влада ќе се движиме во рамките на таквите планови бидејќи постапките за сите три делници се веќе започнати.

Во делот на изградбата на делницата Куманово – Бељаковце, знаете дека изградбата е во фаза на реализација. Средствата во висина од 46 милион евра се обезбедени од Европската банка за обнова и развој.

Пругата требаше да биде готова уште минатата година, но поради одредени проблеми со проектната документација и нерешените имотно правни односи, градбата е пролонгирана до 2018 година. За ова време ќе бидат надминати сите настанати проблеми се со цел пругата да биде изградена во рамките на договореното.

Во делот од Бељаковце до Крива Паланка во должина од 34 километри, во завршна фаза е постапката за изработка на техничката документација. Постапката за изведувач е започната и се очекува до средината на идната година да имаме избрано градежна фирма што ќе го гради овој дел од пругата.

Според планираното, оваа делница ќе биде завршена до 2021 година. И за изградбата на оваа делница, средствата се веќе обезбедени од Европската банка за обнова и развој во висина од 145 милиони евра.

Но многу значајно е тоа што на Самитот во Трст што се оддржа минатиот месец, ни беше доделен грант- неповратни средства во висина од 70 милиони евра од страна на ЕУ. Овие пари ќе бидат искористени токму за изградбата на оваа делница, со што за овој износ ќе го намалиме кредитното задолжување кон ЕБОР.

За третата секција од Крива Паланка до границата со Бугарија во должина од 24 километри, во завршна фаза е изработката на проектната документација. Се проценува дека изградбата би чинела меѓу 350 и 400 милиони евра.

До сега имаме обезбедено 60 милиони евра преку Оперативната ИПА програма 2014-2020, останатите ќе ги обезбедиме преку меѓународни финансиски институции кои имаат пројавено интерес за финансрање на оваа делница. Нашите планови се изградбата да започне 2020 година а да заврши во 2025 година.

Република Бугарија со Меморандумот се обврза модернизација на железничката линија од Софија до Ѓуешево да биде завршена до крајот на 2026 година (веќе постои пруга на оваа линија), а делот од Ѓуешево до граница со Република Македонија да биде завршена до крајот на 2027 година.

Изградбата на пругата е од огромно значење не само за двете земји, тука има значење и за цел регион. Ќе се отворат нови можности за сите транспортни компании, ќе се создадат нови транспортни рути, изградбата на пругата ќе има силно влијание и врз економијата. Генерално ќе имаме олеснување на транспортот и намалување од притисокот од досегашните несакани случувања на Коридорот 10.

На крај би сакал да Ве информирам и за изградбата на пругата кон Албанија која не е составен дел од Меморандумот.

Должината на оваа пруга е 66 километри. Во завршна фаза е изработката на основните проекти кои треба да бидат готови до крај на годината. Потоа ќе пристапиме кон обезбедување на финансиски средства, нашите проценки се дека изградбата ќе чини околу 550 милиони евра.

Многу е важно за Република Македонија да има функционална пруга и кон Запад, бидејќи на тој начин ќе го заокружиме Коридорот 8 кој е еден од значајните Пан Европски Коридори во регионот.