Министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски, ја формираше конкурсната комисија, која ќе ги разгледува пристигнатите апликации на конкурсот за Манифестацијата „Нов културен бран“, којшто беше распишан на 31 јули 2017. До завршувањето на првиот конкурсен рок, во Министерството за култура пристигнаа над 200 апликации, од различни организации, формални и неформални инцијативи, индивидуалци и групи на уметници и културни друштва.
Комисијата за разгледување на конкурсните апликации за Новиот културен бран е во состав Христина Чаловска – Ивановска, уметник и ко-основач на проектниот простор „Прес ту егзит“ (претседателка на Комисијата); Лулзим Хазири, поет и директор на невладината организација АДИ од Гостивар, доц. м-р Кристина Леловац, актерка и предавач на Факултетот за драмски уметности во Скопје; Костадин Шурбановски, музички уредник и културен менаџер; и Петрит Незири, актер.
На првата седница на комисијата, министерот Алаѓозовски ги информираше членовите за приоритетите на конкурсот и за важните аспекти при одлучувањето кои треба да ги земат предвид. Првите проекти кои ќе се финансираат преку Новиот културен бран ќе видат избрани веќе на почетокот на идната недела. Се очекува реализацијата на културно – уметничките настани во рамки на оваа манифестација да започне на почетокот на септември и да трае до крајот на октомври годинава, односно до потрошување на конкурсниот буџет.