По посетите на Данска и Шведска, денеска Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров престојуваше во работна посета на Хелсинки, Република Финска. Ова претставува прва посета на македонски министер за надворешни работи на Финска по 2012 година.
Министерот Димитров оствари средба со Министерот за надворешни работи на Република Финска, Тимо Соини, на која на својот фински колега му ги презентираше клучните реформски приоритети на новата Влада и нејзините активности за што побрзо отворање на европската перспектива на земјата. Димитров го образложи и новиот конструктивен пристап кон надворешната политика, насочен кон враќање на нашите меѓународни пријатели и градење на односи на доверба со сите свои соседи и развој на опиплива регионална соработка. Во овој контекст, Димитров се заблагодари за принципиелната поддршка на Финска во процесот на наша интеграција во ЕУ.
Министерот Соини ја поздрави реформската определба на новата Влада, истакнувајќи дека Финска ќе продолжи да ги поддржува напорите на Република Македонија за враќање на европската перспектива и зачленување во Унијата.
Двајцата министри ја потврдија и подготвеноста за интензивирање на политичкиот дијалог помеѓу двете пријателски земји и разменија мислења за прашања поврзани со подинамичен развој на билатералните односи во повеќе области од заемен интерес. Исто така беше разговарано и околу можноста за возвратна посета на министерот Соини на Република Македонија оваа есен.
Својот престој во Хелсинки министерот Димитров го искористи и за средба со високи претставници од Министерството за образование и култура на Финска и подетално запознавање со нивниот образовен модел, како земја лидер на светско ниво во оваа област. Имајќи ги предвид позитивните искуства и резултатите во сферата на финските образовни политики, беше изразена добра волја за споделување на експертиза која би била полезна за македонскиот образовен систем.
Министерот Димитров даде интервју за Финската новинска агенција СТТ, како и за финскиот Ленен Медиа.