Средба на министерката Шекеринска со одбранбените аташеи на Македонија и воениот претставник на постојаната мисија во НАТО

Денеска во Министерството за одбрана, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, одржа состанок со одбранбените аташеи на Република Македонија САД, Турција, и СР Германија, со воениот претставник на РМ при НАТО и со нерезидентното аташе за Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Министерката Шекеринска, ги информираше воените претставници на Република Македонија за актуелните состојби во МО, како и за идните планови, фокусирајќи се на претстојната изработка на стратегиските документи од доменот на одбраната и чекорите кои ќе се преземат во однос на постапното зголемување на одбранбениот буџет. Дополнително, министерката зборуваше и за тоа што треба да се преземе во насока на подобрување на интерните процеси и процедури во МО и начините за идна комуникација, а се со цел заеднички и координиран настап пред странските партнери и пријатели.

За време на состанокот аташеите ја информираа министерката за одбрана за актуелните состојби во земјите за кои се задолжени како и за актуелните случувања во НАТО, за редовните и вонредни активности кои ги спроведуваат со акцент на периодот јануари август 2017 година како и за нивните идеи и препораки за идниот период.

Од страна на министерката Шекеринска беше побарано од нашите претставници да продолжат интензивно да работат за континуирано јакнење на довербата и соработката со партнерите, во насока на остварување на стратешката цел на државата – членство во НАТО.

Беше заклучено дека ваквиот тип на состаноци се корисни и ќе се одржуваат еднаш годишно.