Годинешното „Охридско лето“ – вонвременско уметничко доживување

Годинешното 57-то „Охридско лето“ измина во знакот на беспрекорна реализација, полни гледалишта, позитивни критики и задоволни уметници, изјави на завршната прес-конференција директорката на фестивалот „Охридско лето“, Сузана Вренцовска, додавајќи дека во изминатите 40 фестивалски денови се случи неповторливо доживување со големи музички ѕвезди, врвни театарски претстави, премиери, гости од целиот свет, распродадени настани по само два дена од нивното најавување.

„Голема беше возбудата но и обврската да се организира секоја фестивалска вечер која благодарение на селекторите, Ѓорѓи Цуцковски и Зоран Љутков, изобилуваше со врвна уметност и атрактивни нови содржини.Имавме 57 настани, музички, драмски, балетски претстави и активности во делот на дополнителната програма. Покрај прекрасните концерти од областа на класичната музика и театарските претстави, понудивме атрактивни програми како џезот и проекти и во дополнителната програма. Се раскажа приказната за познатиот охридски бисер со промоцијата на документарниот филм „Бисер“.Се реализира проектот „Детски свет“ кој беше место за културно изразување за младите уметници да ги афирмираат своите потенцијали и идеи со што се поттикна позитивна стимулација на младите творци и истакнатите уметници.Ја проширивме програмата на нови сцени а на постоечките создадовме поголеми услови за уметниците. Токму свеченото затворање синоќа се случи во поранешната касарна „Михајло Апостолски“, амбиент кој ја надополни приказната на претставата ,,Ничија земја,, режирана од познатиот Александар Морфов а во изведба на Македонскиот народен театар“, изјави Вренцовска.

На 57-то издание на „Охридско лето“ учество зедоа уметници од повеќе земји од Европа и светот, како Русија, САД, Канада, Австрија, Кина, Индонезија, Израел, Италија, Франција, Германија, Полска, Хрватска, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Романија, Ерменија, Турција и Грција. Според Вренцовска, статистиката покажа дека годинава се бележи зголемување на продажбата на билети, а дел од фестивалската публика беа и бројни гледачи од странство.

„На од он-лајн билети се купуваа од Австралија, Кина, Индија, САД, Англија, Белгија, Русија, Полска, Турција, Холандија и секако земјите од регионот. Над 30 000 посетители, љубители на уметноста, од целиот свет дојдоа да уживаат на врвните музички и театарски настани. Се бараше место повеќе за концертот за свеченото отварање, роденденскиот концерт, за настапот на Влатко Стефановски со Камерниот оркестар од Битола каде „Долни Сарај“ беше претесен за сите оние кои сакаа да бидат дел од овој настан. Исто така и „Света Софија“ беше исполнета до последно место. Она што исто така остави впечаток е рекордната посетеност на драмската програма каде гледалиштата на сите претстави без исклучок, беа преполни. Тоа зборува дека работата сме ја завршиле беспрекорно заедно со целиот тим кој стои позади целата реализација,“ појасни директорката на „Охридско лето“ Сузана Вренцовска.

На денешната прес-конференција директорката на оваа национална установа нагласи дека и во иднина, приоритет ќе биде, фестивалот што се одржува под покровителство на претседателот на Република Македонија, а со финансиска поддршка на министерството за култура, како и поддршка од Локалната самоуправа, да го задржи епитетот на високореномиран европски фестивал.

Според селекторот на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, изминатите 40 фестивалски вечери беа прекрасен период на размена на љубов, почитување и вонвременско уметничко доживување.

„Зад над се 40 фестивалски денови, на сцените во Антички театар, Долни Сарај и секако црквата Св. Софија, беа одржани 48 музички настани. Ако зголемената продажба на билети со повеќе од 100% во однос на минатите години е репер за квалитативна понуда на годинешното издание од сопствен аспект морам да истакнам дека за мене беше вистинско доживување да се поздрават уметничките консументи после секој концерт, нескромно искажувајќи го сопственото задоволство од убавината и квалитетот на музиката и уметниците кои оваа година беа дел од фестивалската програма. Преполните концертни капацитети на секој музички настан се доказ дека нашиот напор за збогатување на фестивалската програма како програма наменета за широк спектар љубители на уметноста придонесе за одржување на долгата традиција и високиот уметнички рејтинг на фестивалот, како и придонес за развој на туризмот во градот Охрид,“ рече музичкиот селектор Цуцковски, објаснувајќи дека е особено горд на професионалниот ангажман на тимот којшто стои зад оваа манифестација.

„Огромна благодарност за Претседателот на Република Македонија и Министерството за култура за постојаната поддршка и лично да се заблагодарам на сите што со својот професионален ангажман придонесуваат овој фестивал да претставува најистакнат уметнички фестивал во југоисточна Европа. За мене беше осебена чест и задоволство да бидам мала алка од оваа долга уметничка традиција и за мене како уметник пред се’ Охрид и „Охридско лето“ секогаш ќе претставуваат репер за гостопримство, уметнички квалитет, традиција и најважното- љубов“, додаде Цуцковски.

Селекторот на драмската програма на „Охридско лето“ Зоран Љутков, исто така нагласи дека според фактите и годинешната фестивалска статистика, зад нас останува успешно реализирано фестивалско издание.

„Многу е убава сликата кога ќе видите преполни гледалишта, преполн отворен простор. Особено сум среќен што ги исполнивме просторите како „Долни Сарај“ кој е еден од најголемите. Среќе сум и сум што вчера, на затворањето, смисливме еден нов простор, ново место коешто се надевам и во иднина ќе се користи како театарска сцена. Барањето карта повеќе веројатно е знак дека сме направиле одлична програма. Претставите, жанровски беа различни и за сите вкусови. Програмата беше конципирана жанровски, продукциски, стилски, така како што би требало да има програма секој национален театар во Македонија. Пресреќен сум што оваа манифестација има таков тим којшто беспрекорно ја реализира цела програма. Да имате 57 културни настани, да завршат без ниедна грешка, тоа е еден до најголемите успеси што може да го посака една национална институција“, изјави Љутков на денешната прес-конференција.

Фестивалот „Охридско лето“ е значаен партнер на ЕФА (Европска Асоцијација на Фестивали). Како нејзин член е од 1994 година, овој фестивал секогаш давал голем придонес кон мисијата на ЕФА и нејзините проекти.