Селекторот Ангеловски го објави списокот на фудбалери за натпреварите со Израел и Албанија

Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Игор Ангеловски го објави списокот на фудбалери за квалификациските натпревари на А репрезентацијата против Израел и Албанија кои ќе се одиграат на 2 и 5 септември 2017 година. На повикот на Ангеловски на 28 август треба да се јават 23-ца фудбалери.

По објавувањето на списокот повикани фудбалери за натпреварите со Израел и Албанија, селекторот Ангеловски даде свое видување за играчкиот кадар во селекцијата и очекувањата од натпреварите во рамки на циклусот за пласман на СП 2018 година. Предводникот на нашата најдобра селекција на прес-конференцијата истакна дека очекува добрата форма на фудбалерите на клупски план да се преточи и во репрезентацијата и да го подигнеме нивото на игра.

„Тоа што го најавив од првиот ден сега започнуваме да го остваруваме, а тоа е создавање на тим кој долго време ќе игра во репрезентацијата. Ме радува што поголем дел од репрезентативците се дел од големи клубови и играат во одлична форма. Несторовски и Трајковски играат одлично, Алиоски е еден од клучните во Лидс, тука е и Енис Барди кој ги врати нашите претставници во Примера. Се надевам дека нивните клупски ангажмани и нивната форма ќе се преточи во репрезентацијата и ќе го подигнеме нивото на играта. Дени Илиев од Арсенал се враќа во натпреварувачка форма и го повикав да му дадеме мотив плус, сепак се работи за наша голманска иднина. Во одбраната се повикани фудбалерите од златната генерација до 21 година, Велковски, Зајков, Муслиу, кои одлично одиграа на ЕП и заедно со Ристовски, Ристевски, Тошевски сметам дека на вистински начин ќе одговорат на задачите. Во средниот ред имаме најмногу фудбалери од причина што имаме два меча во три дена, ќе ни треба ротација“. – вели Ангеловски.

Во рамки од 7 коло од квалификациите за СП во Русија, на 2 септември, македонските репрезентативци ќе му гостуваат на Израел, а три дена подоцна ја пречекуваме репрезентацијата на Албанија.