Втора работна средба на Работната група за нов Закон за високо образование

Министерството за образование и наука информира дека, Работната група за утврдување на потребата за измени на Законот за високо образование, составена од Министерот за образование и наука, Проф. д-р Рената Дескоска, претставници од државните и приватните универзитети, синдикатите од областа на образованието и претставници од Професорскиот и Студентскиот пленум, ја одржа втората работна средба во просториите на Министерството за образование и наука.

На денешната средба на Работната група, присуствуваше и странскиот експерт за високо образование, г-дин Џамил Салми, кој ќе учествува во процесот на подготовка на нов Закон за високо образование.

Целта на Работната група е преку квалитетна дебата, да изготви нов Закон за високо образование којшто ќе ги опфати сите аспекти од статусот и организацијата на универзитетот, надлежностите на Сенатот, начинот на управување на факултетите, статусот на наставниците, начинот на кој студентите ќе се организираат во рамки на универзитетот и процесот на нострификација на дипломите.