Министерот Спасовски во официјална посета на Унгарија

Во рамки на посетата министерот за внатрешни работи г. Оливер Спасовски оствари работна средба со својот колега министерот за внатрешни работи на Унгарија, д-р Сандор Пинтер. На средбата со унгарскиот министер Пинтер беше разговарано за унапредување на соработката во делот на миграцијата како и во делот на антикорупцијата и спречувањето на нелегални финансиски текови, за што министерот Спасовски посочи дека токму тие области се приоритет во реформите на новата Влада. Во таа насока, а со цел регулирање на правната рамка за овие и други активности поврзани со полициската работа министерот Спасовски предложи да се потпише Договор за полициска соработка при што во оваа прилика беше доставен и предлог текст од истиот . Унгарскиот министер Пинтер со задоволство го прифати овој предлог на министерот Спасовски и изрази искрена надеж дека овој договор би се потпишал до крајот на годинава, при што би остварил и возвратна посета на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија.

На маргините од средбата на двата министри за внатрешни работи на Република Унгарија и Република Македонија беше потпишан Меморандумот за разбирање меѓу Министерството за внатрешни работи на Република Македонија – Центар за обука и Министерството за внатрешни работи на Унгарија – Полициско училиште за спроведување на законот – Сегедин за соработка во областа на заедничките обуки. Потпишувањето на овој Меморандум за разбирање е во насока на унапредување на билатералната соработка, преку реализација на заеднички програми за размена на стручен кадар и студенти/кадети, размена на искуства и податоци, изработка на заедничка програма за обука и спроведување заеднички обуки и проекти поврзани со превенција.

Делегацијата предводена од министерот Спасовски ја посети и Агенцијата на Европската унија за обуки за спроведување на законот – ЦЕПОЛ во Будимпешта. Целта на оваа посетата беше потпишување на Работен Аранжман меѓу Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и ЦЕПОЛ. „Ми претставува особена чест што сум во официјална посета на седиштето на ЦЕПОЛ и го потпишувам Работниот аранжман помеѓу нашите две институции. Уверен сум дека со оваа формална средба ја отпочнуваме оперативната соработка со што го поплочуваме патот за полициски службеници од мојата земја, од различен ранг и позиции да можат да бидат дел од стандардизирана обука на Европската унија. Особено ме радува Програмата за размена на ЦЕПОЛ, која ќе им овозможи на службениците за спроведување на законот да стекнат директен увид, знаење и искуство и тоа преку заемно корисно искуство“ – рече Министерот Спасовски.