Заменик-министерот Максути на примопредавањето на претседателството на СЕДМ и функцијата командант на SEEBRIG

Заменик-министерот за одбрана на Република Македонија, Беким Максути, заедно со делегација од Министерството и АРМ, вчера во Лариса, Република Грција присуствуваше на свеченоста по повод примопредавањето на претседателството со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (СЕДМ) од Турција на Грција, како и примопредавањето на функцијата командант на Бригадата на Југоисточна Европа (SEEBRIG), од турскиот бригаден генерал Фарук Метин, на романскиот бригаден генерал Тудорица Петраче.

Во рамките на посетата, заменик-министерот Максути оствари билатерална средба со заменик-министерот за одбрана на Република Турција, Суај Алпај. За време на средбата, тие ја потврдија посветеноста за понатамошно продлабочување на соработката помеѓу Македонија и Турција.

Максути во името на Министерството за одбрана се заблагодари за несебичната и безрезервна поддршка од Република Турција на Република Македонија во контекст на нејзините аспирации за членство во евроатланското семејство.

За време на престојот, заменик-министерот Максути оствари куси средби и со неговите колеги, замениците-министри за одбрана на Република Грција и Бугарија при што беше постигната взаемна согласност за значењето на СЕДМ процесот и SEEBRIG како модели и примери за успешна соработка во регионот и пошироко.

Делегацијата од Република Македонија ја сочинуваат и бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски, командант на Првата механизирана пешадиска бригада, како и пензионираниот бригаден генерал Здравко Поповски, кој во периодот 2011-2013 беше командант на SEEBRIG. На церемонијата присуствуваа и делегации од сите држави членки на земји на СЕДМ, претставени од Замениците министри за одбрана и замениците-началници на Генералштаб како и амбасадори, воени претставници во Република Грција и поранешни команданти на SEEBRIG.