Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска – 30 август 2017 година, среда, ќе се обрати на свеченото затворање на осмата по ред Школа за млади лидери, што се одржа од 21 до 30 август во Охрид.
Претседателот Иванов на учесниците на школата ќе им додели сертификати за учество и успешно завршување на десетдневната интензивна лидерска обука.
Програмата на школата, што се одржува по иницијатива на претседателот Иванов, опфаќа предавања и обуки во сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, менаџмент-симулации и практични вежби.
На годинешната школа присуствуваа вкупно 22 реномирани предавачи од врвни образовни и професионални институции од Република Македонија, Европската унија, САД и Кина, кои ги пренесоа своите знаења, искуства и видувања за лидерството на вкупно 40 учесници на школата. Меѓу предавачите на осмата по ред Школа за млади лидери беа поранешниот претседател на Република Албанија, г. Реџеп Меидани, поранешениот претседател на Бугарската академија на науките, д-р Стефан Воденичаров, професорот на Вартон Школата при Универзитетот во Пенсилванија, д-р Ѓорѓија Петкоски, професорот на Универзитетот во Цирих, д-р Марко Штенберген, деканот на колеџот Шварцман при Универзитетот Чингуа, д-р Давид Пан, амбасадорот, д-р Георг фон Хабсбург, како и еден од водечките експерти за бизнис менаџмент и лидерство, г. Дејвид Голдсмит.
Во изминатите седум години на школата учествуваа 280 млади луѓе и над 160 реномирани предавачи, меѓу кои поранешниот Генерален секретар на ОН, г. Бан Ки-мун, поранешните претседатели на Чешка и на Латвија, г. Вацлав Клаус и г-ѓа Ваира Вике – Фреиберга, поранешните претседатели на Србија, на Бугарија и на Албанија, г. Борис Тадиќ, г. Георги Прванов, г. Петар Стојанов и г. Бамир Топи, поранешниот потпретседател на Европската комисија и поранешен министер за надворешни работи на Италија, г. Франко Фратини, претседателите на Светската и на Европската академија на науките и уметностите, г. Иво Шлаус и г. Феликс Унгер, како и голем број амбасадори, функционери од Европската унија, директори на меѓународни институти и успешни бизнис компании и професори од реномирани светски универзитети.
Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, коешто низ семинари, панел дискусии, предавања и учества во младински настани, овозможува продолжување на развојот на нивните знаења и вештини.