Муслиманите имаат два празника: Фитр Бајрам (Рамазан Бајрам или Еид Ал Фитр) и Курбан Бајрам (еид ал адха).
Празниците во исламската религија немаат само свечена димензија, туку суштината на празникот и неговата филозофија е многу поголема.
Исламските празници следуваат откако ќе се заврши одредена задача или обврска. Фитр бајрам (еид ал фитр) следува по завршувањето на месецот Рамазан, односно на крајот на една важна задача во овој месец: обврската за постење, еден од столбовите на исламот. Додека, Курбан Бајрам се прославува во текот на извршувањето на петтата исламска должност Хаџ. Курбан Бајрам е демонстрација на исламската солидарност преку курбанот и потсетување на потребата за пресметување на извршените дела во текот на годината.
Курбан Бајрам, трае 4 дена и се нарекува празник на жртвата, затоа што тогаш се принесува жртва – курбан.
На првиот ден од празникот се изведува молитвата за Бајрам – Бајрам намаз, со која верниците бараат милост од сeмоќниот Ал-лах. џ.ш. Карактеристично за овој празник е принесувањето на жртва – курбан, која има симболика на приближување кон Бога. Најчесто за курбан се принесува овен или овца, кои се доволни за еден верник. Но, не се исклучува и крупниот добиток, кој е доволен за седум верници. Принесувањето жртва во името на Ал-лах го извршуваат сите муслимани кои што имаат финансиска можност.
Пред да се изврши колењето, се кажува молитва. Оние кои принеле жртва, месото од курбанот го делат на три дела: за сиромашните, за соседите и роднините и дел за семејството.
Курбан Бајрам секогаш паѓа во ист ден според исламскиот календар, но според грегоријанскиот календар, датумот е различен од година во година, бидејќи исламскиот календар е лунарен календар, а грегоријанскиот календар е соларен. Лунарниот календар е приближно 11 дена пократок од соларниот календар. Секоја година, Курбан Бајрам (како и другите исламски празници) се празнуваат на различни грегоријански датуми.
Овој празник се слави низ целиот исламски свет и во секој регион има свое карактеристично име: во Мароко, Тунис, Алжир, Египет, Јемен и Либија се нарекува „еид ел кебир“ или „големиот празник“. Во Турција, Русија и на Балканот се нарекува Курбан Бајрам, додека во останатиот дел од арапскиот свет се нарекува „еид ал адха“.
Молитвата која се учи при принесување на жртвата, во превод, е:
Во името на Ал-лах
Ал-лах е најголем
О Ал-лах, тоа е навистина од тебе и за вас
О Ал-лах, прифати го ова од мене.
За овој празник сите верници ја облекуваат својата најдобра облека и ги посетуваат блиските, роднините и пријателите.
Курбан Бајрам се карактеризира со неколку важни настани:
1. Хаџ
Петтиот столб на исламот, кој демонстрира единство, еднаквост, солидарност, култура, посветеност и големина на исламското општество.
Воедно, тоа е најголемиот годишен конгрес на Исламскиот свет во кој муслиманите од сите земји на светот, со разни профили, бои, традиции, менталитет, се среќаваат, сите насочени кон една цел: извршување на петтиот столб на исламот – Хаџ и постигнување на задоволство кон возвишениот Ал-лах џ.ш.
2. Принесување жртва
Една од формите на жртвување во исламот е институцијата курбан, која е најзначајната карактеристика на вториот празник. Според него го добива и името, еид ал адха или курбан бајрам, затоа што на овој ден муслиманите од сите страни на светот принесуваат жртва.
Жртвата е симбол на побожноста и потчинетоста кон сeмоќниот Ал-лах. Со принесувањето на жртвата, месото и крвта не стигнуваат кај Ал-лах, туку одлучноста, намерата и мотивот на човекот и волјата да се достигне повисок степен на духовни вредности.
Курбанот претставува триумф на духовното и верското кај човекот врз материјалното и верската небрежност.
Покрај останатите димензии, курбанот има и социјална димензија. Тој е доказ за меѓусебната посветеност на граѓаните за пружење на материјална и морална помош. Со ова муслиманите духовно се образуваат и се зближуваат, истовремено триумфираат над себичноста и стапуваат на сцената на хуманоста и солидарноста, меѓусебната помош и соработка.
3. Крајот на годината
Важна специфичност со која се карактеризира овој празник, која што често не се спомнува, е времето и месецот на прославата. Овој празник се слави во текот на последниот месец на Лунарниот календар.
Креативниот карактер на исламот се демонстрира преку тоа што изминатиот труд и напор го поврзува со две институции кои бараат подготвеност и морален и материјален напор: хаџот и курбанот, кои што симболизираат кулминација на потчинувањето.
Хиџретската година завршува со собирање на муслиманите на еден свечен собир на курбан бајрам, истакнувајќи ја исламската солидарност во извршувањето на петтиот исламски столб.
Со поклонување, жртвување, солидарност, хуманост, побожност, посветеност и великодушност и со учење од минатото искуство и од историски настани, завршува годината на лунарниот календар.
Клањање на курбан бајрам намаз
Најважното што го одбележува овој ден е клањањето на курбан бајрам намаз кој, според шеријатските прописи, е ваџиб (должност) за секој муслиман.
Времето на клањање на курбан бајрам намаз започнува после појавувањето на сонцето и неговото издигнување околу едно копје од земјата кон зенитот.
Молитвата е составена од два рекати и се изведува на следниот начин: Откако верникот ќе одлучи да го изведува овој намаз, ќе земе текбир, кревајќи ги рацете до долниот дел од ушите. Потоа ги врзува рацете, десната врз левата под папокот. Имамот и џематот учат молитва во тишина. Се изведуваат три текбири, потоа имамот го учи поглавјето ел фатиха и едно друго поглавје или неколку ајети пожелно е да се учи поглавјето А`ла или Каф, па се оди на руку. Се станува од руку и се оди на сеџде. Се обавуваат две сеџди и се станува на вториот рекат. По завршување на првиот рекат се обавува вториот кој е идентичен на првиот, со таа разлика што по поглавјето фатиха пожелно е да се учи поглавјето ал-гашије или ал-камер, по што се изведуваат три текбири, на четвртиот се оди на руку, па на сеџде и се седи на тешеххуд.
Подготовки за славење на празникот се:
1. Миење на телото.
2. Облекување на убава облека.
3. Одење во џамија за клањање на курбан бајрам намаз.
4. Одење во џамија пешки.
5. Одење во џамија од еден правец и враќање од друг правец.