Македонија 1:1 Албанија

Македонската фудбалска репрезентација го одигра осмиот натпревар во квалификацискиот циклус за пласман на СП 2018 во Русија. На стадионот „Младост“ во Струмица, нашата репрезентација ја пречека селекцијата на Албанија.

Нашата репрезентација ја имаше првата шанса во 5 минута по една нафрлена топка од десната страна, но интервенираше албанската одбрана, па добивме само корнер. Несторовски имаше шанса во 14 минута, но не успеа да ја зафати најдобро топката од свртување. Во 23 минута Пандев се обиде со удар од далечина, но голманот на Албанија успеа да ја одбие оваа топка, а веќе во 24 минута Барди се закани од слободен удар. Првото полувреме може да се карактеризира со не многу течна игра, со многу тактички прекини. Македонија беше таа која создаваше повеќе шанси. Сепак, на полувреме се замина со резултат 0:0.

Селекторот на Албанија, Кристијан Панучи, го направи првиот потег, изврши двојна замена пред почетокот на второто полувреме.

Второто полувреме го започнавме доста офанзивно, а тоа не чинеше. По еден контра-напад, Албанија поведе со 0:1 во 53 минута со голот на Роши. Селекторот Игор Ангеловски ја направи првата измена во 58 минута, од игра излезе Бобан Николов, а на негово место влезе Александар Трајковски. Веднаш во следната минута Албанија имаше можност да го зголеми водството, но среќно топката заврши покрај нашиот гол. Македонија имаше шанса за израмнување во 7 минута преку Пандев, кој не упати доволно силен удар со глава. Во 72 минута Албанија ја изврши и третата замена. Македонија доста офанзивно почна да напаѓа кон голот на Албанија. Во 77 поради играње со рака во шеснаесетникот на Албанија, беше досуден пенал кој успешно го реализира Александар Трајковски во 78 минута и израмни на 1:1. Во 85 минута Македонија имаше шанса да дојде во водство, најпрво со ударот од Алиоски, а потоа и Несторовски, но навремено реагираше голманот на Албанија. Во 87 минута беше извршена двојна замена во редовите на македонската репрезентација. Стефан Спировски ја напушти играта, а на негово место влезе во игра Марјан Радески, како и Кире Ристески кој излезе од игра, а на негово место влезе Иван Тричковски. Нашата репрезентација се закануваше уште, но резултатот остана 1:1 до самиот крај од натпреварот.

По овој натпревар, на врвот од табелата се Шпанија со 22 бодови, пред Италија со 19 и Албанија со 13 бодови. Македонија со 7 бодови се наоѓа на 5 место пред Лихтенштајн кој е без бодови, а зад Израел кој има 9 бодови.

До крајот од овие квалификации Македонија треба да одигра уште два натпревари, против Италија на 6 октомври и против Лихтенштајн на 9 октомври.

WebOhrid