Владата и Министерството за култура со 11 предлог-мерки за унапредување на состојбата на македонскиот јазик

На денешната седница, Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата со предлог – мерки за унапредување на состојбата на македонскиот јазик и го задолжи Министерството за култура да ги спроведе усвоените предлог – мерки. Станува збор за мерки, на кои се работеше веќе подолго време во соработка со истакнати македонисти и кои станаа дел од програмата на новиот состав на Владата на Република Македонија уште од самото стапување на функција.

Мерките предвидуваат основање на Фонд за поддршка на афирмирањето на македонскиот јазик на странските универзитети, отворање и одржување на лекторатите по македонски јазик на странските универзитети. Воедно, се предвидува и формирање на Фонд за поддршка на изработка на научни дела посветени на македонскиот јазик од сите области, вклучувајќи изработка на академска граматика, речник, правопис, дијалектолошки и историски проучувања.

Освен тоа, со мерките се предвидува Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура да прерасне во Македонистички центар, со повеќе функции: организирање на летна школа,стипендирање на поголем број странци, кои би дошле да ги изучуваат македонскиот јазик, литература и култура, како и формирање на постојана школа за изучување на македонскиот јазик како странски јазик (Македоникум), која би подразбирала помали семинари, кампови, работилници во текот на целата година за сите оние што се заинтересирани да го изучуваат македонскиот јазик како странски, а би работела и на комерцијално ниво и би издавала соодветни сертификати.

Воедно, се предвидува формирање Центар за постојана обука за лекторите по македонски јазик во странство, која би била активна не само за избраните лектори (за кои ова би било задолжително), туку за сите заинтересирани. Понатаму, во ова насока се предлага и формирање на Школа за подука по македонски јазик за македонските деца надвор од Македонија (летен камп), како и соодветна издавачка дејност.

Една од мерките предвидува дополнување, преработка и доработување на електронските бази,документи, книги, списи од развојот на македонскиот јазик од страна на стручни лица, нивно освежување и споделување на реални, вистински, научни податоци за македонскиот јазик на глобалната мрежа.Во врска со гостувањата на наши истакнати научни работници и уметници на странските универзитети со цел да се афирмира македонскиот јазик и култура, се предлага тоа да се прави преку Годишна програма со определен фонд, чии членови треба да бидат истакнати македонисти, членови на академската заедница, непристрасни и невладини експерти.

Се предвидува и поддршка за собирачката дејност: дијалектолошки материјали, народни песни и приказни на микро – ниво, како и нивна дигитализација, во и надвор од рамките на РМ, особено во соседните држави. Мерките упатуваат и на поддршка на албанската, како и на другите етнички заедници, преку политика на привлечност/атрактивност, за учење на македонскиот јазик и формирање на мултиетнички и повеќејазични педагошки и културни друштва.

Во мерките се предвидува обновување на родните куќи и(ли) создавање музеи посветени на значајните личности за македонскиот јазик и македонската култура, како и натамошна поддршка на постојните (Мисирков, Пулевски, Рацин, Џинот…) по принципот на куќата на Конески во Небрегово, а онаму каде што тоа не е можно од објективни причини, да се основаат и да се изградат нови објекти каде што би стоеле музејски поставки.

Исто така, со мерките се предлага формирање на постојан Одбор за стандардизација на македонскиот јазик, кој би бил составен од стручњаци од катедрите за македонски јазик, Институтот, МАНУ, како и истакнати писатели, новинари, лектори, културни работници од областа на јазикот, педагошки работници. Одборот би ги решавал ад – хок проблемите што се појавуваат во практиката, а за кои нормата не пропишала решенија и би издавал Билтен во кој треба да ги дава на увид на јавноста своите решенија. Листата на предлог – мерки вклучува и спроведување на сеопфатна јавна расправа за Законот за македонскиот јазик, актуелните законски решенија и предлозите за измени и дополнувања на Законот што ќе произлезат од стручната јавност на таа дебата. Овие дебати и јавни расправи би им дале на институциите дополнителни податоци за перманентно дополнување на оваа програма.

На крајот, со мерките се предвидува и формирање на Центар за постојана подука на новинарите и на презентерите во електронските медиуми во РМ.