Во организација на Граѓанска асоцијација МОСТ денес се одржа конференција на тема „Одвојување на државата од политичките партии“.
Целта на настанот беше да се дискутира за механизмите кои треба да придонесат кон одвојување на државата од политичките партии, особено во пресрет на тековните локални избори, вклучувајќи ги и мерките предвидени во Планот 3-6-9 за справување со овој проблем.
На настанот присуствуваа и говореа претседателот на Владата на РМ, шефот на делегацијата на ЕУ, а учесници беа и останати претставници на меѓународната заедница, претставници на институциите, политичките партии, како и граѓанскиот сектор.
Претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев, при отварањето на конференцијата истакна: „Одвојувањето на државата од политичките партии е даден збор, заложба и определбата на новата Влада на РМ.“ Тој потенцираше дека токму затоа Владата донесе серија заштитни мерки преку Планот 3-6-9, особено во пресрет на локалните избори.
Шефот на делегацијата на ЕУ, Самуел Жбогар во своето обраќање посочи дека: „Сите политички лидери треба да го искористат изборниот процес за повторно да ја потврдат и демонстрираат својата посветеност на демократските вредности и владеењето на правото, така што престојните избори ќе можат да претставуваат чекор напред кон патот за интеграција на земјата во ЕУ.“
Во контекст на предложените мерки на новата Влада, Дарко Алексов истакна: „Останува да се види како овие мерки ќе бидат имплементирани во пресрет на локалните избори и дали ќе придонесат кон обезбедување одвоеност на државата од политичките партии. Од друга страна, потребна е и силна политичка волја од сите политички партии за да се гарантира независноста на јавната администрација, како и зголемена свесност и придонес од сите општествени чинители за справување со ова прашање.“
На конференцијата говореа и Александар Бајдевски, заменик министер за информатичко општество и администрација; Беса Арифи, универзитетски професор; Алберт Муслиу, аналитичар; претставници на политичките партии како и претставници на граѓанскиот сектор.
Конференцијата беше организирана во рамки на проектот „Патоказ кон демократски реформи“, и е поддржана од Националниот Фонд за Демократија.