Премиерот Заев на средба со ректорот на Универзитетот на ЈИЕ

Премиерот Зоран Заев, придружуван од министерката за образование Рената Десковска, денеска во премиерскиот кабинет оствари средба со Ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Замир Дика, и со Претседателот на универзитетскиот борд, Денис Ферингтон.

На средбата беше разговарано за предизвиците пред кои се наоѓа образованието во Република Македонија, како и за потребата од имплементирање на позитивни искуства во нашиот образовен систем, прилагоден на потребите на пазарот на трудот.

Во оваа прилика беше разговарано и за продолжување на соработката и за поддршката помеѓу владата и Универзитетот, и беа разменети идеи во која насока треба да се развива образовната инфраструктура во Македонија.

Гостите на средбата, отворено се ставија на располагање на владата во насока на посредување помеѓу државата и странски експерти за образование, за актуелизирање на широка јавна дебата за нови модели на образовната стратегија која ќе придонесе за подобар квалитет на образованието во Република Македонија.