Заев: Ќе бидеме пример за светот и на децата со попречености ќе понудиме еднакво општество за сите

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во придружба на министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и министерката за образование и наука, Рената Тренеска Десковска, денеска присуствуваше на промоција на македонската верзија на документот „Меѓународна класификација на функционирање“, од новата фаза од кампањата „Биди фер, за детство без пречки“ во организација на УНИЦЕФ.

На промоцијата, на која учествуваат претставникот на УНИЦЕФ во Македонија, Бенџамин Перкс, претставници на невладини организации и многубројни граѓани, премиерот Заев, ги потврди цврстите заложби на Владата на Република Македонија, да развива инклузивно општетство со еднакви услови за сите граѓани и ги соопшти определбите на владата бариерите што се присутни во општетсвото, да ги претвори во отскочни даски кон шанси и можности за сите граѓани.

„Владата на Република Македонија развива инклузивно општетство на граѓани со еднакви услови за живот. Правото на еднаквост почнува од раѓањето. Секое дете ни е важно, затоа што фиданките се иднината на дрвото наречено живот.“ истакна премиерот Заев.

За да бидат достигнати овие благородни општествени цели, премиерот Заев порача дека треба сите одговорни чинители во општеството да го пренасочат погледот од пречката, кон целта, а целта претставува општетство со еднакви шанси за децата со попреченост.

„Затоа, овде сум, како премиер да потврдам дека Владата на Република Македонија го поддржува меѓународниот документ на УНИЦЕФ, „Меѓународната класификација на функционирање“, и веќе влеговме во подготовките за примена на овој документ на УНИЦЕФ“, соопшти премиерот Заев.

За активностите што Владата на Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика ги планираат по ова прашање, премиерот рече дека веќе се работи на формирање на две пилот комисии за функционална проценка на децата со попречености и најави дека од следната година овие комисии ќе работат во два региони во земјата.

Воедно, премиерот посочи дека е започнат и процес на деинституционализација, и наместо големи институции што згрижуваат по 100-тина деца, ќе се формираат мали групни домови со по 5 деца кои ќе добиваат стручна социјална и здравствена поддршка и за оваа мерка се предвидени средства во буџетот за 2018 година.

„Благодарам искрено на УНИЦЕФ за поддршката и помошта што ја имаме во делот на формирањето на пилот комисиите за функционална проценка и на обуките на стручните лица, кои ќе работат со децата. Остануваме отворени и понатаму за искуствата преку кои ќе можеме да го имплементираме документот на УНИЦЕФ за Меѓународна класификација на функционирање“, се заблагодари за поддршката премиерот Заев.

Во однос на правилникот за функционална анализа, премиерот Заев истакна дека е подготвен и дека се работи на обуки за специјализирани експерти во областа на здравството и социјалната заштита, кои ќе можат успешно да работат со децата со попречености за да овозможат нивен индивидуален развој.

Претседателот на Владата на Република Македонија посочи дека Владата на Република Македонија работи и на приоритетите за унапредување и прилагодување на инфраструктурата којашто ќе ги задоволи потребите на лицата со попреченост.

Премиерот Заев ги коментираше резултатите од анкетата направена од УНИЦЕФ, за проблемот со низок степен на контакт со лица со попреченост, за неможноста децата со попреченост да ги развиваат своите потенцијали како другите деца, и порача дека Владата на Република Македонија ќе работи на тоа да ги промени овие перцепции со тоа што ќе ги отвори шансите и можностите за децата со попреченост.

„Преземаме обврска како Влада, со нашите посветени инклузивни политики, на вклучување на сите во општеството, да го извлечеме потенцијалот од децата со попречености и да дадеме пример на светот, дека со искрена волја, пречките стануваат мотивација на патот кон целта, а нашата цел е општество за сите и живот за сите во нашата земја, Република Македонија.“ го заврши своето обраќање пред присутните премиерот на Република Македонија, Зоран Заев.