Публикацијата „Зборот е збор – 100 дена Влада за граѓаните!“ е отчет на новата реформска влада, и ја сумира работата на сите министерства поединечно во првите 100 дена од работата на новиот владин состав, во духот на основните заложби на Владата, за транспарентност и отчетност пред граѓаните на Република Македонија.
Резултатите, кои можете да ги видите во проследениот документ, се постигнати после една исклучително сложена и кризна ситуација во нашата земја. Со новата влада, Република Македонија отпочна една нова ера на сосема нов политички амбиент во кој доминираат транспарентноста, одговорноста, отчетноста и разумните политики од интерес за сите граѓани.
Реализирани се повеќе ветувања дадени на граѓаните во предизборниот период, ветувања поради кои граѓаните ја избраа оваа Влада да ја обликува иднината онаква каква што им треба ним, пред се на младите во земјава.
Мерките за штедење кои владата ги презеде со ребалансот на буџетот веќе покажуваат зголемен прилив на средства во буџетот. Во манирот на отчетноста и транспарентноста, се декласифицираа сите досега касифицирани документи кои се однесуваа на привилегирани трошења на народни пари, а во насока на заложбите за враќање на парите кон граѓаните и стопанството, се исполнија и конкретни заложби од акцискиот План 3-6-9, како укинување на радиодифузната такса, зголемување на минималната плата, воведување на ефтина тарифа на елекрична енергија за домаќинствата и се изедначија условите за инвестирање на странските со домашните инвеститори.
Сумираните досегашни активности кои резултираа со бројни реформи, предлог-закони, системски реформи во доменот на работата на секое министерство поединечно, како дел од големата слика за работата на Владата на Република Македонија, се плод на посветена работа и верба во визијата на владата за подобар живот на граѓаните на Република Македонија, како прв дел од реформскиот План 3-6-9, кој продолжува да се имплементира со истото темпо, посветеност и ентузијазам, за една обновена, европска и среќна Македонија.
Во прилог на оваа информација е и електронското издание на публикацијата „Зборот е збор – 100 дена Влада за граѓаните!“.