Пет причини зошто да го посетите Вино Скоп
1. Вино Скоп е најстариот и најголем вински фестивал во Скопје.
Се одржува од 2007 година, традиционално собирајќи над 100 000 луѓе за 5 фестивалски денови. Секогаш локацијата е интимна и дава чувство на пријатна атмосфера и боемско уживање.
2. Поради можноста да се дегустираат голем број квалитетни вина
Секоја година на фестивалот може да се пробаат многу видови вино од најдобрите македонски винарии. Позитивно е тоа што цените на виното се промотивни и ве чинат речиси исто како да сте ги купиле во маркет, а овде добивате одлична забава на отворено. Убавината на Вино Скоп е во тоа што не мора целата вечер да ја поминеш пиејќи го омиленото вино кое го купуваш секој викенд, туку може да се ужива во богатата палета на вкусови.
3. Музичка програма за сечиј вкус
Вино Скоп е фестивал кој го посетуваат многу луѓе, секако со многу различни вкусови за музика. А колку повеќе луѓе, толку е поголема потребата да има што поразновидна музика, за секој да може да си пронајде настап во кој ќе ужива. На Вино Скоп годинава ќе се пее традиционална светска музика, македонска етно музика, блуз, џез, поп, рок, светски хитови, фолк…
4. Вински Коктели
Единствено место во Скопје каде што може да пробате интересни вински коктели е Вино Скоп. Најдобрата сангриа во чаша од половина литар или пак иновативното вино мохито кое може да се проба само на штандот со коктели на фестивалот. Винските коктели најчесто се најинтересни за странските туристи, но секако се одлична препорака за сите кои што сакаат да експериментираат со вкусови.
5. Да се видите со сите кои ви се драги, а не сте ги виделе одамна.
Да, Вино Скоп е местото каде што од среда до недела секојдневно ќе налетувате на луѓе од основно, средно, од маало, од одмор и работа. Ќе се видите со еден куп пријатели, познаници и роднини, а можеби и ќе запознаете ново друштво седејќи опуштено на некоја од масичките. Можноста да се заљубите е исто така голема- Љубов на прва голтка вино.