Честитка од претседателот Иванов по повод еврејскиот празник Рош Хашана

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот еврејски празник Рош Хашана, односно започнувањето на еврејската Нова година, упати честитка до претседателот на Еврејската заедница во Република Македонија, г-ѓа Берта Романо-Николиќ и до припадниците на Еврејската заедница во Република Македонија.

„Почитувана г-ѓo Романо-Николиќ,

Ми претставува чест и задоволство, Вам и на сите припадници на Еврејската заедница во Република Македонија да Ви го честитам големиот празник Рош Хашана.

Еврејската нова година значи нов почеток и нова надеж дека во годината што следи ќе нè одминат тагата, неприликите и предизвиците, а ќе ни наминат радоста, успехот и благосостојбата. Рош Хашана е време на благодарност за Божјите благослови, но и период за размислување за Божјите закони. Бидејќи, како што пишува псалмистот Давид, благословени се токму оние кои ги почитуваат божјите закони. Еден од тие закони, кој е истовремено и темел врз кој треба да се градат општеството и државата, е да ги сакаме ближните како самите себе.

Честитајќи Ви го прославувањето на Новата година, го посакувам следново: почитувајќи ги културните и религиските разлики да продолжиме и понатаму заеднички да ја градиме нашата држава Република Македонија.“