Поднесен посебен извештај за „ТРАНСПОРТЕР 2“

Секторот за внатрешни работи Битола, постапувајќи по Наредба на Основното јавно обвинителство Битола, во врска со предметот со кодно име „Транспортер 2“ (кој се однесува на распишан тендер за избор на најповолен понудувач за превоз на ученици во учебната 2015/2016 година), до ОЈО Битола поднесе посебен извештај против лицата С.П.(54), С.Д.(58), В.П.(48), П.П.(51), С.Б.(58) и В.Т.(58), сите од Битола, вработени во Општина Битола, поради постоење основи на сомнение за сторени две кривични дела – “несовесно работење во службата“ (предвидено и казниво по член 353-в од КЗ на РМ) и “злоупотреба на службена положба и овластување“ (предвидено и казниво по член 353 од КЗ на РМ).

С.П., С.Д., В.П. и П.П., во својство на членови на Комисијата за јавни набавки при Општина Битола, постапиле спротивно на член 169 од Законот за јавни набавки на тој начин што не ја поништиле постапката за избор на најповолен понудувач, иако во тендерската постапка констатирале дека понудените цени за превоз на ученици во учебната 2015/16 се многу повисоки од реалните цени на пазарот, (пример: за една од линиите посочени во тендерот во учебната 2013/14 година цената за превоз по ученик на ден била 1000 денари, во учебната 2015/16 била 3.168 денари по ученик на ден, додека во учебната 2016/17 формирана била цена од 440 денари по ученик на ден), со што на две правни лица, превозници од Битола, им било овозможено да се стекнат со поголема материјална корист.

С.Б., секретар на Општина Битола, иако немал ингеренции врз работата на Комисијата за јавни набавки, потпишал согласност за склучување на договори за превоз на ученици во учебната 2015/16 со нереални пазарни цени. В.Т., Градоначалник на Општина Битола, донел Одлука за најповолни понудувачи по тендерот за превоз на ученици во учебната 2015/2016 година, по што потпишал штетни договори со две правни лица –превозници од Битола.

Со преземените дејствија пријавените на општина Битола и причиниле материјална штета од 4.321.388 денари