Средба Спасовски – Мектиќ: договорено соработка за школување на полициски службеници

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска (22.09.) во Сараево во рамки на работната посета на Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина имаше работна средба со неговиот домаќин министерот за безбедност на Босна и Херцеговина Драган Мектиќ , на која што беше договорена поинтензивна соработка во неколку области од заеднички интерес на двете министерства.

На прес конференцијата по средбата министерот Спасовски истакна дека – “на денешната средба почнавме постапка за потпишување на Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за школување полициски службеници во Мостар и Центарот за обука во Скопје“, притоа потенцирајќи дека за да се има силна полиција важен сегмент е и образованието.

“Агенцијата за школување на полициски службеници во Мостар има солидна програма и наставен кадар кој ќе помогне при процесот на стекнување и дооформување на стручното образование на полициските службеници во Македонија“, изјави првиот човек на македонското МВР.

Според Спасовски Центарот за обука во Скопје пак, постојано работи на унапредување на програмите и наставниот кадар и може да понуди соодветна обука според потребите на полицијата на Босна и Херцеговина.

Исто така Министерот Спасовски констатираше дека – “двете држави се изложени на дејствија на радикални групи и криминални организации, па унапредувањето на полициската соработка е од исклучително значење. Денеска беше договорено одржување на редовни состаноци на раководителите на единиците за меѓународна полициска соработка, на кои ќе се разменуваат информации, но и ќе се договараат заеднички операции и генерални планови за дејствување“, додаде Спасовски.

Од своја страна пак министерот Мектиќ изјави дека постојат заеднички безбедносни предизвици и потребна е соработка за нивно надминување. “Разговаравме и за заедничкото делување во регионални проекти. Имаме заеднички проблеми како трговијата со наркотици, мигрантите и слично така што можеме меѓусебе да си помогнеме“.

Инаку, на средбата се разговараше и за соработката во справувањето со тероризмот, затоа што само со меѓусебна соработка може да се одговори на ваквите сложени предизвици.

Република Македонија и Босна и Херцеговина во последниот период интензивно работат на зголемување на соработката. Овој месец во Скопје беше потпишан договорот за взаемно признавање на возачките дозволи, што е од големо значење и за граѓаните на Босна и Херцеговина и за граѓаните на Република Македонија, а надлежните министерства работат и на финализирање на договорот за влез на државјаните од двете држави со лични карти.