Полициската станица Кичево поднесе кривична пријава против А.А. (58) од с. Горно Строгомиште, кичевско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „убиство“ (чл.123, ст.3 а в.в. со чл.19 од КЗ на РМ) и „неовластено изработување, држење и тргување со оружје и распрскувачки материи“.
На 28.09.2017 година во 18.40 часот, на бул. „Ослободување“ во Кичево, со намера да ги лиши од живот, од пиштол марка „Сиг Сауер“ калибар 9 милиметри, што нелегално го поседувал, пријавениот пукал кон лицата А.А. (40) од с.Србјани, кичевско, Д.А. (58) од Кичево и Ш.Д. ( 54) од с. Грешница, кичевско. Тие со повреди биле пренесени во Општата болница во Кичево, по што А.А. (40) и Д.А.(58), поради сериозноста на повредите биле пренесени во Ургентниот центар во Скопје. Повредениот Ш.А., по укажаната помош во болницата во Кичево, бил пуштен на домашно лекување.
Јавен обвинител и екипа на Полициската станица Кичево извршиле увид на местото на настанот. Притоа, пронајдени биле чаури и други предмети, кои биле подигнати и испратени на вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје.