Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска го прими во посета министерот за надворешни работи на Големото Војводство на Луксембург, Жан Аселборн, придружуван од неговиот домаќин, министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров.
Премиерот Заев изрази задоволство што има прилика и на министерот Аселборн да му ги пренесе изразите на благодарност за поддршката на Луксембург на Република Македонија од осамостојувањето до денеска, што, меѓу другото, била една од темите на средбата на премиерот Заев со премиерот на Луксембург Ксавиер Бетел за време на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
И во оваа прилика Претседателот на Владата ја повтори поканата до премиерот Бетел, да ја посети Република Македонија, и уште еднаш, во директна средба, да ги потврдат заедничките констатации за исклучително добрите односи меѓу двете земји.
Премиерот Заев го информираше министерот Аселборн и членовите на делегацијата на МНР на Луксембург за активностите на новата влада во однос на евроатлантските процеси, кои произлегуваат од зацртаните обврски во Планот 3-6-9.
„Идната година ќе ѝ дадеме на Европската Комисија убедливи причини да го откочи процесот и да ги отпочнеме преговорите за членство на Македонија во ЕУ“, истакна премиерот Заев на средбата.
Претседателот на Владата на РМ укажа и на отворената покана на нашата земја за членство во НАТО и дека очекува силно придвижување во оваа насока во периодот што следува од новата иницијатива што се очекува од медијаторот Нимиц, како и од новите позитивни односи со Република Грција, остварени во последниот период.
„Новата влада е целосно фокусирана на ова прашање, а неговото успешно решавање е охрабрено и од новиот пристап прашањата со соседите да се решаваат во директна и отворена комуникација, што наиде на силна поддршка од стратешките партнери, како што се ЕУ и одделните земји на унијата, и на САД“, истакна премиерот Заев.
Во отворениот и пријателски разговор на средбата со премиерот Заев, министерот Аселборн нагласи дека Луксембург и понатаму максимално ќе ја поддржува Република Македонија, како што го правеше тоа и досега во клучните политички настани за земјата, какви што беа прогласувањето на независноста и поддршката за кандидатурата во ЕУ во 2005 година.
Министерот Аселрод истакна дека Луксембург и понатаму останува гласен застапник на проширувањето на ЕУ, и дека Република Македонија ја гледа како идна земја членка на унијата.