Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, го прими во посета амбасадорот на Кралството Норвешка во Република Македонија, Арне Санес Бјорнстад.
Премиерот Заев и амбасадорот Бјорнстад разговараа за актуелни теми поврзани со изборниот процес, за спроведувањето на реформите утврдени во програмата на владата и во Планот 3-6-9, како и за тековните активности во процесот за членство на Република Македонија во НАТО.
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, на амбасадорот Бјорнстад му пренесе дека се преземени сите неопходни активности за да се оневозможат изборни нерегуларности или манипулации. Премиерот Заев особено нагласи дека се осудуваат и ќе бидат осудени сите форми на насилство во изборниот процес, и дека се повикани сите политички субјекти, учесници во спроведувањето на изборите, да се воздржат од било каква активност која може да нанесе дамка на изборите.
– Владата и надлежните институции ќе имаат пристап на нула толеранција за евентуални обиди за прекршувања во изборниот процес, и никој не треба ниту да помисли да си поигрува со волјата на гласачите, изјави премиерот Заев на средбата со норвешкиот амбасадор.
Владата на Република Македонија, истакна премиерот, создаде услови за слободни и демократски избори, во кои граѓаните слободно, и без притисок, ќе го исполнат своето избирачко право.
Амбасадорот Бјорнстад, во разговорот со премиерот Заев, истакна дека Норвешка со задоволство го следи позитивниот развој во остварување на реформите во Република Македонија, и изрази надеж дека тие ќе продолжат со најавената динамика.
Премиерот Заев го увери амбасадорот дека предвидената стратегија за реформи и нивното оставрување е од важност, како за градаење на демократскиот амбиент во земјата, така и заради постигнување на стандардите за членството на нашата земја во ЕУ и НАТО.
Во однос на остварување на зацртаните обврски на Република Македонија за членство во НАТО, премиерот Заев го информираше амбасадорот на Кралството Норвешка во Република Македонија, дека земјата со засилен интензитет работи да ги исполни сите услови и дека во наредните години ќе се зголемува и ставката на буџетот за АРМ, согласно стандардите на алијансата.
Во насока на исполнување на НАТО стандардите, со дипломатските акивностите на меѓународен план, особено во односите со соседите и со земјите во регионот, Република Македонија покажа дека е посветена на унапредување на регионалната соработка и на добрососедските односи. Со проактивната улога и со позитивниот пристап, се остваруваат резултати со кои се решаваат многу отворени прашања.