Македонија 4:0 Лихтенштајн

Македонската фудбалска репрезентација го одигра и последниот натпревар од квалификацискиот циклус за пласман на СП 2018 во Русија. На стадионот „Младост“ во Струмица, Македонија ја пречека репрезентацијата на Лихтенштајн.

Македонија имаше шанса уште во 2 минута, но Пандев упати слаб удар, кој без проблем го скроти голманот на Лихтенштајн. Барди во 5 минута се обиде со удар од далечина, но биеше над голот. Во 8 минута Пандев беше фаулиран на околу 18 метри од голот на Лихтенштајн, а Барди биеше само во живиот ѕид. Нашите фудбалери се обидуваа да го пронајдат патот до голот на противникот, ја имаа иницијативата, но и внимателен пристап од друга страна. По корнерот што го изведе Алиоски во 36 минута, Муслиу биеше прецизно со глава и го отвори резултатот на 1:0, а веќе при следната акција во 38 минута, Алиоски го проигра Пандев, а тој веднаш го проигра Александар Трајковски кој беше прецизен и го зголеми водството за Македонија на 2:0.

Пред почетокот на второто полувреме, селекторот Ангеловски го направи првиот потег. Од игра беше изваден Ферхан Хасани, а на негово место влезе Елиф Елмас. Второто полувреме започна со многу прекини. Лихтенштајн ја имаше својата прва шанса во 63 минута, а од сето тоа добија само корнер. По две години суспензија, на теренот повторно се врати Аријан Адеми. Тој влезе во игра во 64 минута, на местото од Горан Пандев. Во 67 минута со нафрлена топка Трајковски го пронајде Енис Барди ја затресе противничката мрежа за предност од 3:0. Веќе во 69 минута Аријан Адеми со соло-акција влезе во шеснаесетникот на Лихтенштајн и се најде очи в очи со противничкиот голман и го совлада без проблем за висока предност на Македонија од 4:0. Селекторот Ангелоски ја направи и третата последна замена на овој натпревар, во 77 минута од игра излезе Енис Барди, а на негово место во игра влезе Љупчо Дориев. До крајот од натпреварот нашите фудбалери го имаа поседот на топката во свои нозе, одвреме-навреме се закануваа преку Алиоски, а во финишот Трајковски биеше само во незете од противничкиот голман.

По завршувањето на квалификациите, во нашата Група Г, Шпанија го освои првото место со 28 бодови, пред Италија со 23, Албанија со 13 бодови, Израел со 12, Македонија со 11 бодови и Лихтенштајн без бодови.

WebOhrid