Максути го отвори семинарот посветен на современото разузнавање

Заменик министерот за одбрана, Беким Максути, со свое обраќање денеска во Домот на АРМ – Скопје го отвори дводневниот семинар „Разузнавачко безбедносните системи и предизвиците на современото разузнавање“.

Во своето обраќање Максути пред присутните истакна дека современото разузнавање е поврзано со модерниот свет и најзначајните работи во светот како што се политиката, економијата, образованието, науката, техничко технолошките достигнувања и многу други аспекти на живеење. Тој додаде дека разузнавањето е основа за подготовка на безбедносните и одбранбените структури за спроведување на нивните поставени задачи кои се значаен елемент на спроведувањето на регионалната и глобалната безбедносна политика.

„Информацијата е еден од многуте елементи кои се употребуваат во остварување на општествено-политичките цели, бидејќи истата се добива низ користење на процеси, персонал, специјализирана техника, посебни методи, мерки и активности соработка и други аспекти “– рече Максути.

Заменик министерот Максути на крајот додаде дека модерното време претставува трка за побрза и поверодостојна информација.

Професорот на Воената академија, раководител на катедрата безбедност, кризен менаџмент, заштита и спасување, д-р Методија Дојчиновски, во своето воведно обраќање кажа дека овој дводневен собир е придонес во наука за безбедноста. Тој додаде дека семинарот ќе помогне во градењето, развојот и подобрувањето на научната мисла и истражувањата, со што ќе се зајакнат безбедносно разузнавачките процеси и ќе се подобри ефикасноста на превенцијата и справувањето со современите закани.

Дводневниот семинар е во организација на Министерството за одбрана во соработка со Воената академија кој вклучува тим на стручни лица предавачи и експерти од оваа област. На семинарот покрај претставници од МО, АРМ и Воената академија, учествуваат претставници од органите на државната управа: МВР, МНР, Агенцијата за разузнавање, ЦУК, ДЗС, ДБКИ, Царинска управа на РМ и Управата за финансиско разузнавање.

Учесниците на семинарот ќе имаат можност да се запознаат и да ги прошират своите знаења, кои би придонеле во зајакнување на индивидуалните способности и институционалните капацитети за поуспешно реализирање на поставените задачи и развој и поддршка на безбедносниот систем и национална безбедност во целина.