ПРОЕКТ НА УПРАВАТА ЗА ВОДЕЊЕ НА МАТИЧНИТЕ КНИГИ И АД МАКЕДОНСКА ПОШТА – СКОПЈЕ
Од денес 05.10.2017 година стартува проектот за достава на изводите од матична евиденција на домашните адреси на граѓаните. Овој проект е соработка помеѓу Управата за водење на матичните книги и АД Македонска пошта Скопје.
За почеток проектот стартува во Скопје, а потоа и во останатите градови низ Македонија, за што граѓаните дополнително ќе бидат информирани.
За оваа цел, Управата за водење на матичните книги и АД Македонска пошта Скопје, склучија Меморандум за соработка, што подразбира достава на документите од матична евиденција на домашна адреса на граѓаните, најдоцна до 72 часа од моментот на аплицирањето на веб страната на Управата – www.uvmk.gov.mk.
Начинот на аплицирање е едноставен. Потребно е да ја посетите веб страната www.uvmk.gov.mk и преку посебен безбедносен систем што ги гарантира заштитата на личните податоци, да ја пополните табелата и да ја испратите до Управата .
Поштарот, по информацијата на Управата за водење на матичните книги, дека бараниот извод е готов, го подига од Управата и го доставува на домашна адреса на граѓанинот, најдоцна во рок од 72 часа.
Овој проект на двете институции им овозможува на граѓаните едноставност за аплицирање, брзина и заштеда на време и пари, како и намалување на турканици пред шалтерите. Воедно, овој систем на добивање на изводи од матичната евиденција е безбеден, каде личните податоци на граѓаните се максимално заштитени.
Нема дополнителни трошоци за бараниот извод. Трошоците се исти како да го барате и на шалтерите на Управата. Она што граѓаните треба да знаат за ваквиот вид на аплицирање за изводи од матична евиденција, е дека тоа треба да го сторат лично и не може да го нарачаат за друго лице. Што се однесува до правните субјекти како што се нотарите, адвокатите и извршителите , тие мора да прикачат на апликацијата полномошно од лицето за кое вадат документ од матичната евиденција.
Македонските државјани кои живеат во странство, преку дипломатско- конзуларните претставништва на Република Македонија, може да аплицираат за изводи од матичната евиденција, а доставата на овие документи е преку редовните линии за меѓународен поштенски сообраќај на АД Мкаедонска пошта Скопје.
Целиот проект е дел од владиниот План 3-6-9, која подразбира професионална и сервисно ориентирана администрација која ќе функционира и работи во подобрени работни услови, користејќи ги сите можности на современ пристап преку е-влада, е-услуги и интероперабилност.