Премиерот Заев му ја честиташе наградата „Блаже Конески“ на професорот Виктор Фридман

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска во својот кабинет го прими д-р Виктор Фридман, овогодишниот добитник на наградата „Блаже Конески“, што му е доделена во рамките на одбележувањето на 50 годишнината од основањето на МАНУ.

Честитајќи за добиената награда, премиерот му се заблагодари на професорот Фридман за долгогодишната истражувачка работа и промоција на Македонија и македонскиот јазик, и изрази подготвеност, од името на новата Влада, да бидат поддржани идеите на професорот Фридман за неговите идни проекти во полето на неговата експертиза.

„Секаде каде што можеме, ќе ве поддржиме во вашата понатамошна работа. Вие многукратно сте ја докажале вашата љубов кон Македонија и македонскиот јазик, и затоа ќе ги изнајдеме начини да ви помогнеме во реализација на вашите понатамошни идеи“ – рече премиерот Заев на средбата со професорот Виктор Фридман.

Премиерот Заев и професорот Фридман разговараа за посилна поддршка на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика при Македонската академија на науките и уметностите, како и за отворање на центар за балканска лингвистика во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Професорот Виктор Фридман, повеќе од 30 години се занимава со лингвистиката на Балканот, а од 1994 година е член на МАНУ надвор од работниот состав.